Свет

Зеленски: „Деновите на безбедност на руското небо се завршени“

Ги предупреди меѓународните авиокомпании и осигурителите компании дека интензивирањето на нападите со украински дронови ќе го направи рускиот воздушен простор сè поопасен и би можело ефикасно да доведе до негово затворање

 

„Сакаме да ги предупредиме сите авиокомпании што го користат рускиот воздушен простор, сите осигурители, сите што сè уште ги користат клучните руски аеродроми: Руското небо станува целосно опасно“, рече Зеленски во своето вечерно обраќање.

Тој нагласи дека Украина не им се заканува на цивилните авиони.

„Ние не им се закануваме на цивилното воздухопловство како такво. Само што ќе има толку многу дронови на небото над Русија што ова мора да се земе предвид“, рече украинскиот претседател.

Според него, интензивирањето на украинските напади ќе има непосредни последици за користењето на рускиот воздушен простор.

„Руското небо де факто ќе биде затворено – војната што ја започна Русија го затвора нејзиното небо“, рече Зеленски.

Украинскиот претседател повика авиокомпаниите и осигурителите што продолжуваат да вршат летови до Москва, Санкт Петербург и други големи руски аеродроми да го земат предвид предупредувањето. Според него, „деновите на безбедност на руското небо се завршени“.

Москва го отфрли предупредувањето, а рускиот министер за транспорт Андреј Никитин изјави дека властите реагираат брзо на сите закани и нема да дозволат значителни прекини во цивилното воздухопловство. Ова го објави Би-Би-Си.

Сепак, руските воздухопловни власти периодично воведуваат привремени ограничувања за полетувања и слетувања како одговор на украинските напади, вклучително и на главните московски аеродроми. Москва ги дефинира нападите како напади врз руска територија, додека Киев наведува дека неговите цели се првенствено поврзани со руските вооружени сили, воено-индустрискиот комплекс и инфраструктурата што се користи во војната против Украина.

Најнови вести од: Свет

За три дена Џорџија Мелони ќе стане „најдолговечниот премиер“ во историјата на Италија

Во земја некогаш синоним за политичка нестабилност, првата жена премиер ќе ја води истата италијанска влада 1.413 дена, еден ден подолго отколку што Силвио Берлускони успеа во текот на неговите четири мандати

Најнови вести

To top