– Ние сме партнери со источниот сосед во рамките на НАТО. Очекуваме луѓето кои се бараат со потерница, кои направиле некакво кривично дело, да ги испорачааат, во духот на партнерството, за да се соочат со законот и со правдата – рече Мицкоски.
Софија деновиве го драматизира случајот со Ива Михаилова, која има македонско и бугарско држајанство, во контекст дека Македонија не ѝ дозволува да се лекува во Бугарија. Два македонски суда одлучија на Михаилова да не ѝ го вратат одземениот пасош, затоа што здравствените услуги кои ѝ се потребни се достапни и во Македонија. Судењето против неа е во тек, а на рочиштето пред три дена присуствуваа и шестмина пратеници од бугарското собрание.
Министерството за внатрешни работи деновиве потврди дека меѓународната потерница по Симеон Михаилов е сè уште активна.
Михаилов е дел од случајот „Детонатор“ и бил осуден за дела поврзани со обид за убиство, злосторничко здружување и насилство. Првично му била изречена доживотна казна затвор, која во понатамошната судска постапка е намалена. Во текот на постапката тој избегал од Македонија, а во 2014 година бил испорачан од Италија, каде бил уапсен по меѓународна потерница. Подоцна повторно избегал и сега се јавува од Бугарија.