– Реконструиравме болници за ограбеното и уништено, поради лоши политики, здравство. Знаете, нема да ве потсетувам на оние криминални политики кога бевме држава која беше на дното по начинот на справување со корона кризата, а на врвот по бројот на починатите. Ограбени граѓани, уништена и девастирана економија со погрешни економски политики, прогресивни даноци, солидарни даноци и што ли не се правеше во периодот кој сите ние сакаме брзо да го заборавиме, рече Мицкоски.

Премиерот посочи дека по ова дојде Влада, која се зафати веднаш за работа, да го корегира сето она, што беше оставено од претходната, криминална влада на СДСМ и ДУИ. -Еден од водечките проекти на почетокот на оваа Влада беше децентрализирање на средства од државниот буџет кон општините и на тој начин успеавме да обезбедиме проекти од половина милијарда евра за капитални инвестиции во општините. Продолживме да работиме со општините, еден од проектите со кој можеме да се пофалиме е и овој проект за подобра животна средина, за поголема хигиена во нашите општини.Им честитам на сите оние кои ќе добијат нова механизација, нови алатки да се справуваат со сметот. Повикувам и на општествена одговорност и на граѓанска одговорност затоа што нашата животна средина е наша и треба да си ја чуваме сите подеднакво, да бидеме одговорни кон неа, рече Мицкоски.

Тој најави дека следен чекор е испораката на автобусите кои што рече дека многу скоро треба да почнат да се испорачуваат во општините за еколошки, јавен градски превоз.

-Од клекната, распадната и ограбена држава која пред 26 месеци ни беше главен предизвик откако ја наследивме од Владата на СДСМ и ДУИ, денеска можеме да кажеме дека Македонија после три години е подобро место за живеење, а јас ви гарантирам дека за три години ќе биде уште подобро место за живеење од денеска, рече Мицкоски.