Македонија

Од Скопје до Тајмс Сквер: Ликот на Данела Арсовска осамна во Њујорк

Поранешната градоначалничка стана дел од работна група што дава препораки за политики на Г20

Ликот на поранешната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, се појави на познатата зграда Nasdaq Tower на Тајмс Сквер во Њујорк.

Арсовска објави дека станува збор за признание за нејзиниот ангажман како член на работната група на B20 USA, во рамки на процесот поврзан со Г20, која работи на креирање приоритети и препораки за унапредување на глобалниот економски раст.

„Посебно признание за мене е што бев прикажана на Nasdaq Tower на Тајмс Сквер во Њујорк за време на отворањето на Nasdaq Capital Market, како признание за ангажманот во работната група на G20, B20 USA и придонесот во обликувањето на приоритетите и препораките за глобален економски раст“, објави Арсовска.

Поводот беше церемонијата на отворање на берзата, на која претставникот на B20 USA, Кевин Брејди, го означи почетокот на тргувањето со традиционалното ѕвоно на Nasdaq. Настанот е дел од активностите во пресрет на B20 Summit во Вашингтон, кој треба да се одржи во ноември.
Според Арсовска, работата на тимот е насочена кон препораки во областите на економскиот раст, инвестициите, иновациите, конкурентноста и глобалните пазари на капитал.

„Горда сум што нашата заедничка работа беше препознаена на едно од највидливите светски места за бизнис, капитал и иновации“, порача Арсовска.

Арсовска пред неколку дена објави дека е избрана за член на G20 United States B20 2026 Economic Growth Task Force, работна група која се занимава со прашања поврзани со глобалниот економски раст и развој. Таа изрази благодарност за довербата и истакна дека е горда што ќе има можност да придонесе со своето искуство во оваа меѓународна иницијатива.

„Навистина ми е чест што се приклучувам на работната група, придонесувајќи кон една од највлијателните светски платформи за јавно-приватен дијалог и глобална економска политика“, наведе Арсовска.

Во текот на наредната година, таа ќе работи со носители на високи политички функции, бизнис-лидери и меѓународни експерти, во соработка со Американската стопанска комора. Целта е да се развијат препораки за политики кои ќе бидат дел од финалното соопштение на Б20, односно заедничкиот глас на глобалната деловна заедница кон лидерите на Г20.

Б20 е официјална група за ангажман на бизнис-секторот во рамките на Г20 и ги поврзува деловните лидери од најголемите светски економии.

Најнови вести од: Македонија

Изложбен простор „Samsung CONNECT“ се отвара на IFA 2026, носејќи ја иднината на живеењето со помош на вештачка интелигенција

Низ телевизори, дисплеи, мобилни уреди и домашни апарати, „Samsung“ демонстрира како вештачката интелигенција може да донесе практични придобивки и да го направи секојдневниот живот полесен и поинтуитивен.

To top