Унгарскиот премиер на вчерашната прес конференција потсети дека повеќе балкански земји веќе го почнале пристапниот процес и дека некои од нив повеќе од десет години чекаат на отворање на следните кластери, откако Унгарија по трет пат го блокираше забрзаното отворањето кластери од страна на Украина.
По трет пат Унгарија го блокираше процесот на пристапување на Украина во ЕУ
„Не станува збор за забрзано пристапување. Унгарија може да поддржи пристапување засновано на заслуги“, рече Маѓар на денешната прес-конференција во Будимпешта.
Киев треба да напредува врз основа на заслуги и не треба да ги прескокнува кандидатите од Западен Балкан кои поминаа години преговарајќи за членство, вели тој, пренесува Hungarian Conservative.
Маѓар истовремено рече дека Унгарија уште во претходниот владин мандат дала согласност за почеток на пристапувањето на Украина во ЕУ, како и за отворањето на првиот и вториот кластер.
Унгарскиот премиер зборуваше и за договорот со Киев за правата на унгарското малцинство во Украина, со кој, според него, било предвидено Унгарците да можат да го користат мајчиниот јазик во повеќе области. Тој, меѓутоа, рече дека засега не гледа дека нешто од договореното е реализирано.
Континуираната опструкција од страна Унгарија продолжува по убедливата победа на Петер Маѓар во април што беше поздравена низ цела Европа како крај на ерата на честа употреба на вето од страна на Унгарија, во времето на Виктор Орбан.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц ги нарече изборите инспирација за Европа и рече дека се надева оти Унгарија ќе се врати во „срцето на Европа“.
Сепак, во врска со Украина, новата политика се покажува како поусловна отколку што очекуваа многу престолнини: Будимпешта го напушти генералното противење на Орбан на членството, додека ја задржа едногласноста како моќ за преговарање.
И покрај очекувањата, Маѓар и украинскиот претседател Володимир Зеленски сè уште не ја одржаа својата планирана билатерална средба. Маѓар првично предложи средба во Берегово (Берегшаш), во Задкарпатија, ставајќи гии малцинските права на Унгарците во Украина во центарот на средбата.
Во јули, двајцата се согласија прво да се сретнат во Будимпешта или Киев, а потоа да патуваат заедно во Закарпатија.
Зеленски ја обнови поканата на 20 август, Денот на Свети Стефан во Унгарија, поканувајќи го Маѓар во Киев.
Но, министерката за надворешни работи Анита Орбан изјави неколку дена подоцна дека состанокот ќе се одржи кога ќе се појави прилика…пишува Hungarian Conservative.