Кракот од улицата „Славејко Арсов“ што завршува како слепа улица во населбата Водно, во скопската Општина Центар, е класичен пример за тоа како не треба да се црта урбанистички план. На потег од само 150 метри нацртани се маркици според потребите на проектантите, кои ги цртаат во канцеларија, иако на лице место ситуацијата е сосема поинаква.
Ова е пример за во учебници – студентите по архитектура да се донесат тука и да им се покаже како НЕ треба да се прави, пишува МКД во информацијата за урбанистичкиот хаос во најбогатата скопска населба.
Но во Општина Центар може и така. Особено кога станува збор за Водно и за Дебар Маало. На хартија е нацртана улица за двонасочен сообраќај, а во реалноста на неколку места не можат ни две возила да се разминат. Издадени се маркици за семејни куќи или за помали станбени згради, а нема паркинг-места, нема тротоари, нацртаната улица навлегува во постоечки дворови, без потребниот отстап од регулационата линија… Делови од нацртаната улица влегуваат во дворови на староседелци, кои имаат легални имотни листови, но според планот од 2025 година тие наскоро ќе треба да излегуваат од влез директно на улица. Кај дел од актуелните градби, иако имаат дозвола за П+2, на тој кос терен како нулта точка се зема горната кота, а не долната, па така добивате зграда од 5-6 ката, а не објекти со приземје и два ката. Нема соодветна водоводна, канализациска и електрична мрежа. Издадени се дозволи за градба без исполнет инфраструктурен предуслов. Никаде не се почитуваат законските три метри од меѓите на вцртаните објекти до регулациската – градежна линија на улицата. Објектите се до самата улица – ни три метри, ни тротоар… од врата директно на улица.
Комуналната служба, кога влегува во овој крак од „Славејко Арсов“ да го собира ѓубрето, се враќа во рикверц затоа што едноставно нема каде да се разврти. (Како тука може да влезе противпожарно возило, брза помош?) Се прават потпорни ѕидови според тежината и притисокот од земјиштето со кое се израмнува теренот, но не и според тежината и притисокот на тоа што потоа се гради одозгора. Каде се тука стандардите за сончева светлина, за законски пропишаните 1,5 до три метри на објект од меѓата, прашува МКД.мк.
Целата сторија која може да доведе до катастрофа и огромна загуба на човечки животи на мкд.мк