Регион

Започна првото национално пребројување на кафеавата мечка во земјава

Од Министерството за животна средина и просторно планирање посочуваат дека генетскиот мониторинг ќе претставува основа за идно планирање и спроведување на мерките за заштита и управување со популацијата на кафеавата мечка

Македонското еколошко друштво (МЕД) и Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) го започнаа првото национално генетско пребројување на кафеавата мечка во земјава, активност што ќе обезбеди попрецизни податоци за бројноста, распространетоста и генетската разновидност на овој строго заштитен вид.

Генетскиот мониторинг ќе ја опфати динарско-пиндската популација на кафеавата мечка, која се протега од Алпите до Егејското Море и брои околу 4.000 единки, што ја прави најголема популација на овој вид во Европа. Во Македонија истражувањето ќе се спроведува во западниот дел од државата, од Скопска Црна Гора и Шар Планина на север, до Пелистер, Ниџе и Кожуф на југ.

Целта е до крајот на 2026 година да бидат собрани околу 900 генетски примероци, а во процесот активно ќе бидат вклучени шумари, ловочувари, ренџери во заштитени подрачја, ловци, собирачи на шумски плодови и лековити растенија, како и планинари, велосипедисти и љубители на природата.

„Генетскиот мониторинг претставува неинвазивно собирање генетски примероци од материјал што животните го оставаат во околината. Кај мечката ќе се собираат примероци од измет, од кои потоа ќе се утврдува генотипот на секоја единка, како своевиден генетски отпечаток од прст “, појаснува Александар Стојанов, координатор на проектот во Македонското еколошко друштво.

Според него, ваквиот пристап овозможува секоја единка да биде препознаена и следена низ времето, што ќе придонесе за попрецизни проценки на состојбата на популацијата.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање посочуваат дека генетскиот мониторинг ќе претставува основа за идно планирање и спроведување на мерките за заштита и управување со популацијата на кафеавата мечка.

Покрај утврдувањето на бројноста на видот, истражувањето ќе обезбеди и податоци за распространетоста и генетската разновидност на мечките, што ќе овозможи подобро разбирање на нивната екологија и подготовка на сеопфатна стратегија за зачувување на видот на ниво на Динарско-пиндскиот регион.

Во проектот, кој е кофинансиран преку програмата LIFE на Европската Унија, учествуваат 21 партнер од девет европски земји. Покрај научните истражувања, активностите ќе бидат насочени и кон развој на правни и управувачки механизми за заштита на живеалиштата на мечката, како и кон намалување на конфликтите меѓу човекот и дивиот вид, кои се сметаат за една од главните закани за неговиот опстанок.

Истражувањето се спроведува во рамки на петгодишниот меѓународен проект „Зачувување на популацијата на кафеава мечка во Динарско-пиндскиот масив“ (LIFE24-NAT-DE-LIFE DinPin Bear), кој има цел да придонесе кон долгорочна заштита на мечката во регионот.

Најнови вести од: Регион

Популарната емисија повеќе нема да се емитува на Телевизија – новите газди не го продолжија договорот

Новата сезона на култната српска сатирична емисија „24 минути со Зоран Кесиќ“ ќе започне на 19 септември на јутјуб каналот на емисијата, соопшти авторот и новинар Зоран Кесиќ. Досега емисијата се еитуваше на телевизијата „Нова С“, но менаџментот соопшти дека таа е симната поради тоа што е прескапа и поради неуспешниот договор меѓу екипата на емисијата и претставниците на „Адриа њуз нетворк“ (АНН) – компанијата што ја поседува „Нова С“ и која неодамна доби ново раководство откако беше преземена од португалскиот инвестициски фонд „Алпак капитал“.

Постепената интеграција е единствениот пат до членство – Еди Рама бара нов пристап на ЕУ кон Западен Балкан

Франција и Германија поддржаа идеја за „структурирана постепена интеграција“ на земјите-кандидатки, со можност постепено да добиваат пристап до одделни европски формати и политики.

Вучиќ за одложената посета на Кос: Објаснувањето ѝ беше глупаво! Требаше да забраниме погреб на Младиќ, да правиме кучешки гробишта?!

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска го нарече „глупаво“ објаснувањето за одложувањето на посетата на европската комесарка за проширување Марта Кос на Белград.

Се готви политички земјотрес во ЕУ, во тек е и тивка битка меѓу Урсула Лаен и Каја Калас

„Берлин и Париз бараат да се расчисти кој ќе ја води европската дипломатија. Во позадината на институционалната расправа се води и борба за политичка моќ. Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен во последните години презеде исклучително активна улога во надворешната политика. На Каја Калас тоа не ѝ се допаѓа.“ – објави „Плус инфо“.

To top