Некогашниот командант на Војската на Република Српска, Ратко Младиќ, денеска беше погребан со воени почести во гробницата на гробиштата Топчидер во Белград, каде што почива и неговата ќерка Ана.
Погребната служба во црквата „Свети апостол Лука“ во населбата Филмски град во Кошутњак ја отслужи српскиот патријарх Порфирије, а државни и политички функционери, граѓани, ветерани и воени инвалиди му оддадоа почит на генералот што почина на 27 август на 84-годишна возраст во Хаг како осуден и затворен за воени злосторства и геноцид во БиХ.
Младиќ беше погребан со песната „Тамо далеко“ (Таму далеку). Претходно, генерал-потполковникот Петар Шкрбиќ и синот на Младиќ, Дарко, одржаа говори на гробиштата.
Дарко Младиќ, им се заблагодари на присутните за, како што рече, величествениот погреб за неговиот татко и нагласи дека со својата смрт генералот го обединил српскиот народ по втор пат – првиот пат кога отишол да го брани и денеска на погребот, објави државната Радиотелевизија на Србија (РТС).
Ковчегот беше покриен со знамињата на Србија и на Република Српска. По должината на улицата на влезот на гробиштата Топчидер, како и на самите гробишта, имаше голем број граѓани со цвеќиња и венци кои ја пречекаа погребната поворка со српски знамиња и со фотографии од Младиќ.
Почит на починатиот му оддадоа министрите за правда на Република Српска, Горан Селак, и за труд и заштита на ветераните и инвалидите на Република Српска, Радан Остојиќ, претседателот на СНСД, Милорад Додик, министерот за научен и технолошки развој и високо образование на Република Српска, министерот за култура на Република Српска, Драга Мастиловиќ, министерот за култура на Србија, Никола Селаковиќ, српскиот министер за одбрана Братислав Гашиќ, градоначалникот на Бања Лука, Драшко Станивуковиќ, рускиот амбасадор Александар Боцан-Харченко, Данило Вучиќ, син на претседателот Александар Вучиќ, поранешниот министер за национална одбрана на Грција, Панос Каменос итн.
Српскиот претседател Александар Вучиќ не присуствуваше на погребот на Младиќ поради однапред договорената средба со својот колега од Узбекистан, Шавкат Мирзоев.