Македонија

Сиљановска-Давкова: Независноста е секојдневна задача, не завршено минато

Пораката на претседателката за 8 Септември

По повод 8 Септември – Денот на независноста, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова им упати честитка на граѓаните. Во неа порача дека независноста не е завршена страница од историјата, туку трајна обврска на секоја генерација да ја чува, гради и надградува државата.

Таа потсети дека пред 35 години, на референдумот од 8 септември 1991, македонските граѓани го заокружиле делото на илинденците и асномците, создавајќи заеднички национален и граѓански дом за сите, без оглед на етничката или верската припадност.

„Денес, со длабока благодарност и пиетет, се потсетуваме на историската вистина дека најголемото и најважното достигнување за еден народ е да има сопствена, суверена и демократска држава, којашто ќе ја штити неговата слобода, идентитет и дигнитет и ќе работи на нејзиниот просперитет. Сега, единствено од нас самите зависат нејзиниот опстој и нејзината иднина.

Иако е прогласена за навек, независната држава не е минато свршено, туку и сегашно трајно време. Таа започна со референдумската одлука како важна секојдневна, неуморна задача за секоја генерација да ја чува, гради и доградува.

Македонската независност почива на три столба: првиот е довербата на секој граѓанин во сопствената држава и во капацитетот на нејзините институции да ги заштитат правата, да обезбедат правда и да пружат еднакви можности за сите; вториот е меѓусебната доверба меѓу нас, граѓаните, како човечка нитка којашто нè држи заедно, независно од етничката, верската, јазичната и секоја друга разлика, и третата е – непотрошната, искрената и непоколеблива вера во македонската иднина.

Во празничен, оптимистички дух, да потсетам дека страниците на нашето минато и сегашност бележат бројни успеси на многу полиња. Изградивме функционални институции и ја развивавме свеста за општото добро и државниот и национален интерес. Создадовме НАТО армија која ја гарантира нашата безбедност. Развивме и развиваме економија отпорна на притисоците и отворена кон светските пазари. Стекнавме пријатели и стратешки партнери кои не поддржуваат на долгиот и трнлив европски пат. Имаме јасна свест за европска припадност и стратешка цел за европско членство.

Додека го славиме големиот ден, уште еднаш констатираме дека изминатите три и пол децении се соочивме со тешки искушенија, блокади и двојни стандарди, коишто стимулираа несакани внатрешни процеси и проблеми.

Еден од најголемите е иселувањето на младите луѓе во потрага по подобар живот. Со секое заминување се прекинува нишка во нашето ткиво, а секоја празна училишна клупа е молчалив потсетник дека ги губиме оние кои беа и сѐ уште се нашата најголема надеж.

Болната вистина не смее да нè парализира, туку мора да нè мобилизира. Државата не е само систем на институции. Луѓето се државата. Имаме генерациска одговорност да ги завршиме неодложните задачи: да ги искорениме криминалот и корупцијата, да воспоставиме бескомпромисно владеење на правото и да изградиме мирно и праведно општество на рамноправни и еднакви граѓани, независно дали се Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и други. Асномскиот завет нѐ учи: „КАКВА МАКЕДОНИЈА ЌЕ ИЗГРАДИМЕ, ТАКВА ЌЕ ЈА ИМАМЕ“. Никој друг нема да ни го уреди домот освен ние самите!

Повеќе од кога било порано, денес ни е потребна проактивна, конструктивна надеж, верба дека со сопствени сили можеме и мораме да ги направиме нештата подобри. Нашата визија е стабилна и напредна европска држава, но пред сè, татковина во која младите нема да пакуваат куфери, туку, тука ќе создаваат семејства и ќе градат иднина.

Време е за релативизирање на географијата и границите и за подлабоко поврзување со нашата дијаспора, за обединување на сите умни, креативни и храбри луѓе со македонско потекло во градењето на татковината како пристоен, достоинствен и просперитетен заеднички дом.

Со особена гордост и радост Ви го честитам големиот празник 8 Септември, денот кога македонските граѓани, храбро и одговорно го исполнија аманетот на илинденците и асномците и демократски, на референдум, со огромно мнозинство се изјаснија за СУВЕРЕНА И САМОСТОЈНА ДРЖАВА МАКЕДОНИЈА“, истакна претседателката.

Најнови вести од: Македонија

ЈСП губи патници: Дали во Скопје умира јавниот превоз и како да се зачува градската навика?!

Најголемиот недостаток во досегашните дискусии за јавниот превоз е што БРТ, лесното метро, градскиот воз и класичните автобуси често се третираат како одвоени решенија. Но, модерниот јавен превоз функционира токму спротивно – како мрежа во која различни видови транспорт се надополнуваат.

Ѓорге Иванов: Секоја генерација има своја борба, нашата е за подостоинствен живот во Македонија

Чествувањето на 23 Октомври во рамките на политичкиот дискурс во Македонија служи како инструмент за мобилизација на јавното мнение и потсетување на колективната меморија. Политичките елити го користат овој историски датум не само за оддавање почит кон жртвите од минатото, туку и за легитимирање на сопствените политички агенди поврзани со реформите, европските интеграции и заштитата на националните интереси.

На Денот на македонската револуционерна борба порака од Кос: Направете ги уставните измени, исполнете ја вашата обврска!

Уставните измени се чекорот што треба да го направи земјава за да продолжи евроинтегративниот процес без дополнителни политички одлуки, порача еврокомесарката за проширување Марта Кос по денешната тет-а-тет средба во Брисел со вицепремиерот и министер за европски прашања Беким Сали.

To top