ДУИ преку соопштение остро реагираше на начинот на кој беше одбележана 35-годишнината од независноста во Тетово. Партијата го обвини градоначалникот Биљал Касами дека при настанот го изоставил албанското национално знаме, додека во центарот на градот било поставено знамето на Вергина.
Според ДУИ, не станува збор само за протоколарно пропуштање, туку за постапка што го открива односот на локалната власт кон албанските национални симболи.
Партијата потсетува дека ВЛЕН на изборите ветуваше рамноправна употреба на албанското знаме, химна и грб со македонските државни симболи. Тврдат дека по влегувањето во Владата тие ветувања биле ставени на страна.
Во соопштението се наведуваат и други примери за кои ДУИ смета дека покажуваат изоставување на албанското знаме – од однесување на функционери до отсуство од официјални настани и активности за време на кампањата.
Посебно спорно за партијата е поставувањето на знамето на Вергина во центарот на Тетово. ДУИ тврди дека тоа не е официјален државен симбол и дека е во спротивност со Преспанскиот договор.
Од ДУИ бараат надлежните институции да ја проверат законската основа за неговото поставување и да утврдат кој го наредил, одобрил или извршил. Истовремено бараат одговор зошто албанското знаме било изоставено од прославата.
Партијата нагласува дека законите треба да се применуваат еднакво за сите и дека ветувањата за рамноправност на симболите не смеат да останат само изборна реторика.
Директни критики беа упатени и кон Касами – според ДУИ, политичките компромиси не смеат да се прават на сметка на достоинството и националните симболи на Албанците. Одбележувањето на независноста, додаваат, треба да биде посветено на почитување на државата, законите и рамноправноста.