Регион

Хашкото обвинителство побара шест години затвор за Хашим Тачи

Според Обвинителството, бившиот косовски претседател ја попречувал правдата влијаејќи врз сведоците против него

Специјализираното обвинителство на Косово во Хаг денеска побара казна затвор од шест години за поранешниот претседател Хашим Тачи по обвиненијата за попречување на правдата, само неколку дена пред објавувањето на пресудата во другиот судски процес против него за воени злосторства.

На Тачи му се суди заедно со четворица сообвинети во случајот за попречување на правдата, поради влијание врз сведоци во процесот за воени злосторства.

„Обвинителството бара да изречете… девет месеци затвор за [Хајредин] Кучи; три години за [Фадил] Фазлиу; три години за [Исни] Килај; три години за [Башким] Смакај; и шест години за Тачи“, изјави обвинителот Џошуа Хафец за време на завршните зборови.

Обвинителството тврди дека Тачи им наложил на другите четворица обвинети да им дадат инструкции на одредени сведоци во случајот за воени злосторства за тоа што да кажат пред судот. Тачи и четворицата сообвинети ги негираа обвиненијата.

Обвинителот Хафец истакна дека Обвинителството бара казната од шест години затвор за Тачи „да се издржува последователно на која било казна што би можела да биде изречена“ во процесот за воени злосторства и злосторства против човештвото, во кој му се суди заедно со тројца други поранешни лидери на Ослободителната војска на Косово (ОВК): Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими.

Пресудата во случајот за воени злосторства ќе биде објавена на 16 септември. Сите четворица се изјаснија дека не се виновни.

Хафец во четвртокот му соопшти на судот дека доказите за попречување на правдата се состојат од околу 28 часа снимки од Тачи, направени за време на девет посебни посети во текот на четири месеци во притворскиот центар во Хаг.

„За Тачи и неговите сообвинети беше важно сведоците, кои Тачи ги избрал за интервенција, да го кажат и направат она што Тачи го сакаше“, му рече Хафец на судот.

Тој додаде дека секогаш кога Тачи им давал инструкции на Кучи, Фазлиу, Килај и Смакај, тој „го спуштал гласот и шепотел за да даде конкретни упатства за тоа што посетителите треба да им кажат на сведоците. Тој го правел тоа со месеци, а неговите инструкции следеле слична практика: да се ослабат обвиненијата во [случајот за воени злосторства]“. Обвинителката Кимберли Вест пред судот, за време на завршните излагања, изјави дека Тачи, „заедно со своите соработници во овој процес, се обидел да го попречи постапувањето преку мешање во сведочењата на овие сведоци и бил фатен. Тој бил фатен со снимки во времетраење од повеќе часови и со документи што ги потврдуваат предметните снимки“.

Вест рече дека инструкциите се движеле од барања до сведоците да го променат своето сведочење, па сè до негирање на присуството на Тачи на местото каде што наводно биле извршени злосторства, со цел сведочењата да се вклопат во „неговиот наратив“.

Обвинителството тврдеше дека доказите – од кои дел беа пронајдени во домот на Килај во ноември 2023 година, помалку од еден месец откако Криезиу и Килај се сретнале со Тачи – биле испечатени на единствениот печатач во притворскиот центар што Тачи можел да го користи, како и дека за нив се разговарало за време на посетите на истиот центар.

Хафец, исто така, тврдеше дека Тачи се обидел да влијае врз двајца поранешни борци на ОВК, Бислим Зирапи и Рустем Мустафа, кои сведочеле во неговиот случај за воени злосторства. Сведочењата на двајцата биле во корист на одбраната на Тачи.

Во своето сведочење во 2023 година, поранешниот обласен командант на ОВК, Мустафа, тврдеше дека оперативните одлуки ги носеле обласните команданти на ОВК, а не Генералштабот на герилските сили. Тој изјави дека лидерите на ОВК, меѓу кои бил и Тачи, немале контрола врз борците од понизок ранг – сведочење што ја зајакнало позицијата на одбраната.

Зирапи, поранешен началник на Генералштабот на ОВК, сведочеше во 2024 година.

За време на испрашувањето од страна на одбраната, тој рече дека Генералштабот честопати не бил информиран за дејствијата на борците во оперативните зони на ОВК и дека, и покрај обидите, не било можно ОВК целосно да воспостави контрола врз своите единици од пониско ниво, делумно поради српските офанзиви.

Специјализираните совети на Косово се формирани специјално за судење на поранешни припадници на ОВК; тие се наоѓаат во Хаг и во нив работат меѓународни судии и обвинители, поради сомневањата во способноста на косовскиот правосуден систем да им суди на поранешните борци на ОВК, од кои многумина се сметаат за херои во Косово. Влијанието врз сведоците претставува една од клучните грижи на оваа институција уште од самиот почеток.

Најнови вести од: Регион

Бугарија сака македонските Голо брдо, Преспа и Гора да бидат бугарски (ВИДЕО)

„ Сè се направи со директен притисок врз Албанија. Или ќе признаете бугарско малцинство, или во спротивно ќе бидете блокирани на вашиот пат кон Европската Унија“, констатира Стерјовски

Словенија се откажува од „деветолетката“, по лошите податоци од ПИСА

Дури 40 проценти од учениците наведуваат дека нивните врсници на часовите не ги слушаат наставниците, 22 проценти истакнуваат дека дигиталните уреди зачестено ги попречуваат во следењето на наставата, додека 48 проценти од учениците користат алатки за вештачка интелигенција за изработка на училишните задачи.

„Корча плус“: Општина Пустец заборавена и во беда, жителите бараат конкретни инвестиции!

Жителите на Пустец со години чекаат подобра инфраструктура. Иако Преспа има огромен природен и туристички потенцијал, состојбата со патиштата и понатаму останува еден од најголемите проблеми за локалното население, објави албанскиот медиум „Корча плус“, пренесува весникот „Илинден”.

Шефовите на ЕУ со осуда за Србија за погребот на воениот злосторник Младиќ на кој присуствуваа и државници

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, денеска остро реагираа на присуството на високи српски функционери и елементите на официјална поддршка на погребот на осудениот воен злосторник Ратко Младиќ во Белград.

To top