Македонија

Модернизиран команден центар, „Безбеден град“ ставен во функција во Велес

Новиот команден центар е сместен во целосно реконструирани и реновирани простории кои во минатото биле користени од Министерството за одбрана, а потоа околу 15 до 20 години не биле во употреба. Со нивното ставање во функција, СВР Велес добива современ простор од кој се реализираат активностите поврзани со системот „Безбеден град“

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, заедно со претседателот на Владата Христијан Мицкоски, денеска во рамки на посетата на Велес, го посетија модернизираниот команден центар на СВР Велес, каде што се запознаа со неговото функционирање и го означија почетокот на функционирањето на системот „Безбеден град“ на подрачјето на СВР Велес.

Министерот Тошковски информираше дека новиот команден центар е сместен во целосно реконструирани и реновирани простории кои во минатото биле користени од Министерството за одбрана, а потоа околу 15 до 20 години не биле во употреба. Со нивното ставање во функција, СВР Велес добива современ простор од кој се реализираат активностите поврзани со системот „Безбеден град“.

-Само во текот на вчерашниот ден, за 24 часа, имаме констатирано околу 124 казни, а денеска досега околу 27, односно за ден и половина околу 150 казни на територијата на СВР Велес, што ги опфаќа Велес, Кавадарци, Неготино и Демир Капија. Најголем дел се за брзо возење, а три-четири казни се за поминување на црвено светло. Тоа е фрапантно подобрување на почитувањето на сообраќајните правила од страна на македонските граѓани, истакна Тошковски.

Министерот нагласи дека основната цел на системот „Безбеден град“ не е казнувањето и полнењето на буџетот, туку промена на сообраќајните навики и спасување човечки животи.

Сакам уште еднаш да им се заблагодарам, пред сè, на македонските граѓани, затоа што со имплементирањето на еден систем чијашто првична цел е спасување човечки животи, а не полнење на буџетот, покажавме дека навистина можеме да се однесуваме европски. Позитивните ефекти од таквото однесување се многу помал број жртви, многу помал број сообраќајни незгоди и многу помалку негативни последици од непочитувањето на сообраќајните правила, потенцираше Тошковски.

Осврнувајќи се на последиците од непочитувањето на сообраќајните правила, министерот посочи дека трагичните сообраќајни незгоди се реалност која може да го погоди секого, притоа посочувајќи на вчерашната сообраќајна незгода на патот Миладиновци – Аеродром, во која две лица починале на самото место, а три лица биле повредени, од кои две се во особено тешка, животозагрозувачка состојба.

-Сето ова што ни се случува поврзано со сообраќајните незгоди не е некаде далеку. Тоа е тука и може да му се случи на секого. Повторувам, никогаш немаме сообраќајна незгода со смртни последици доколку се почитуваат сообраќајните правила. Ова треба навистина да допре до сите, порача министерот.

Тошковски изрази благодарност и до медиумите, општествено одговорните компании и организациите кои се вклучија во кампањата за подигнување на сообраќајната култура, издвојувајќи ја Фудбалската федерација на Македонија и фудбалерите кои учествуваа во промотивната кампања за почитување на сообраќајните правила.

Како особено значаен показател за ефектите од преземените мерки, министерот ги посочи податоците за бројот на жртви во сообраќајот.

-Заклучно со месец август, ако минатата година сме имале 96 жртви, оваа година за истиот период имаме 61 жртва. Тоа е фрапантна разлика за период од една година. Според информациите што ги добивам од експертите, доколку продолжиме вака и со почитување на правилата од страна на сите македонски граѓани, можеме да бидеме пример не само во Европа, туку и во светот, како за многу краток период сме успеале да го намалиме бројот на жртви за околу 40 проценти, истакна Тошковски.

Министерот порача дека сите активности, инвестиции и кампањи што се преземаат во областа на сообраќајната безбедност имаат една заедничка цел – Македонија да стане побезбедна држава за сите.

-Сето ова го правиме само за да дојдеме до држава којашто ќе биде побезбедна за сите, заклучи министерот Тошковски.

Најнови вести од: Македонија

Крст во чест на 63-те жртви од „Пулс“ поставен на влезот во Кочани

Овој крст ќе нè потсетува и на болката и трагедијата што се случи овде во нашиот град. На повредените нека им подари здравје, сила и поткрепа да закрепнат и дај Боже постојано да останеме во заедница, во љубов со Бога, со силата на крстот

СДСМ бара истрага за 5,5 милиони евра за прославата

Пет милиони евра народни пари кога ќе се потрошат, граѓаните мора да знаат секој денар, секое евро каде завршило. Владата мора да ги објави договорите, анексите, фактурите, банкарските исплати, примателите, изведувачите, добавувачите и пресметаните даночни обврски

Мицкоски: Потврдувањето на кредитниот рејтинг од страна на „Фич“ е уште една лоша вест за опозицијата

​Три години водат кампања дека секоја година само што не сме банкротирале, буџетот бил без пари, економијата назадувала и така натаму. ​Одговорите стигаат од сите страни, од Светска банка, од Меѓународниот монетарен фонд, еве и од сега од реномирани кредитни агенции како што е „Фич“

Претседателот на Босилово Манчев: Пожарот во Иловица е подметнат, гранките биле сечени со секира, најдена е и запалка!

„Според сите укажувања, намерно предизвикан пожар ќе направеше катастрофа во Иловица. Благодарение на брзата реакција на голем број граѓани, противпожарната служба и МВР, пожарот е изгаснат.“ – објави градоначалникот на Општина Босилово Ристо Манчев, во објава на фејсбук.

To top