Македонија

Таткото на Ѓоко Ристов за парите во ѕидот: „Не мислев дека ќе одат толку далеку, не сакав децата да знаат дека имам толку пари “

Немале доволно ќеси, фолиите биле кинети и гмечени

Одбраната во случајот со судијата Ѓоко Ристов денеска почна со изведување на свои сведоци. Прв пред судот сведочеше адвокатот кој ги застапува родителите на Ристов, Здравко и Донка, а кој бил присутен во нивната куќа во Неготино за време на претресот при кој беа пронајдени пари скриени во ѕид.

Сведокот Александар Варела раскажа дека на 17-ти бил повикан од братот на Ристов да оди во Неготино, бидејќи требало да се изврши претрес во куќата. Според неговото сведочење, полицијата детално ја пребарувала куќата – отворала шифоњери, фиоки, просторот под креветите, оставата, бочви со вино и ракија, фрижидер за длабоко замрзнување, гаражата и резервните гуми, како и просторот надвор околу дрвата и печката за ракија.

Претресот продолжил и на катот, каде што полицајците пребарувале четири соби, а во една од нив детално го проверувале и оџакот. Се користела дополнителна опрема за снимање, а пребарувале и со боцкање на земјата до длабочина од околу половина метар.

Сведокот рече дека претресот продолжил и следниот ден. Особено внимание било посветено на кујната, каде полицајците се посомневале во плочките поради тап звук при удирање.

„Плочка при слабо удирање падна, не била добро залепена. Ги извадија петте што паднаа, па уште толку“, сведочеше адвокатот.

Во тој момент, според неговото сведочење, бил присутен и сопственикот на куќата Здравко, кој им рекол на полицајците да не ги кршат плочките бидејќи повторно ќе треба да ги лепи.

Кога била отстранета една од плочките, зад неа бил откриен отвор од околу пет сантиметри. Сведокот кажа дека Здравко, откако бил прашан што има таму, одговорил со зборовите „ај, бидна“. Потоа, кога полицаецот го прашал дали станува збор за динамит или дрога, според сведочењето, Здравко рекол: „Нема потреба, пари се“.

Полицајците со камерата влегле низ отворот и забележале сребрена фолија во внатрешноста на ѕидот. Здравко бил тргнат на страна, а полицајците почнале да ги вадат пакувањата.

Според сведокот, биле пронајдени 13 пакувања со пари, поставени во надолжна линија, поради што нивното вадење било отежнато и морало да се крши дел од ѕидот.

„Парите ги броеја на тепихот, немаа доволно хартиени ќеси да ги сместат“, рече сведокот, додавајќи дека дел од пакувањата биле завиткани во проѕирна фолија и целофан.

Тој сведочеше и за начинот на кој биле отворани пакувањата, тврдејќи дека фолиите и целофанот биле кинети и гмечени и дека не биле раздвојувани на начин на кој би се зачувала нивната чистота. Парите, според него, биле ставани во кеси, а фолиите одделно.

Сведокот пред судот кажа дека подоцна го прашал Здравко зошто не му кажал дека парите се скриени во ѕидот.

„Ми рече: ‘Не знаев дека ќе одат толку далеку, не сакав да знаат децата’“, сведочеше адвокатот.

На прашањето што ќе се случи со парите, според неговото сведочење, Здравко одговорил: „Што сакаат нека прават, мои се парите“.

Сведокот кажа дека ова било внесено и во записникот од претресот. Според него, Здравко самиот му кажал дека сумата била над 350.000, иако претходно не му кажал како адвокат дека има толкава сума пари.

Во текот на сведочењето беше отворено и прашањето за потеклото на цементот и градежните зафати во куќата. Обвинителката Искра го праша сведокот за разликите во изјавите поврзани со тоа кој вршел градежни работи. Сведокот посочи дека Здравко кажал оти цементот бил негов и дека тој лепел плочки, додека во записникот, според обвинителката, стоело дека неговиот син вршел градежни зафати.

Обвинителката го праша и дали Здравко пред претресот бил прашан дали има нешто да пријави, на што тој одговорил дека нема.

Сведокот, кој во текот на претресот повеќепати се повикуваше на она што го видел и слушнал лично, оцени и дека просторијата во која биле пронајдени парите не била обезбедена на начин што би спречил движење низ неа.

Претресот, според неговото сведочење, завршил околу 19 часот, по што информациите за пронајдените пари веднаш се појавиле во медиумите.

Одбраната продолжува со изведување на своите докази и сведоци. На следното рочиште треба да сведочат Фехми Стафа, кој е во затвор поради барање поткуп токму за судијата Ристов, и Љупчо Пецов Ѓаволот, од кого биле барани парите за да не оди во притвор.

Најнови вести од: Македонија

Стојановски: ДКСК да ја изработи анализата за законот за Скопје „Европска престолнина на културата“ и да ја достави до предлагачите

Пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ денеска од собраниска говорница рече дека тој и уште 24 други пратеници 45 дена од Државната комисија за спречување на корупција и судир на интереси чекаат антикорупциска анализа на закон за спроведување на проектот Скопје Европска престолнина на културата.

Михаилов по апсењето на дрвокрадците, кои нападнаа шумари и полицајци во Банско: Најчесто завршуваат вака! (Видео)

Заменик-директорот на „Национални шуми“ Кире Михаилов во објава на фејсбук реагираше на последните случаи на напади врз службени лица од криминалци-дрвокрадци.Тој објави видео запис од уапсените дрвокрадци. Според МВР, на 13 септември, околу пладнето во село Банско, Струмичко, полициски службеници биле нападнати од дрвокрадци, додека се обидувале да им извршат контрола.

Музика, улични изведби, базар и детски работилници на „Звуците на културата во Ѓорче 2026“

Во рамките на „Денови на Општина Ѓорче Петров 2026“, продолжува манифестацијата „Звуците на културата во Ѓорче 2026“, која носи програма наменета за посетители од различни генерации

Владата подготвува закон да можат граѓаните самите да докупат до две години работен стаж за пензија

Граѓаните, на кои им недостигаат најмногу две години работен стаж, наскоро би можеле да добијат можност сами да си ги уплатат придонесите за да остварат право на старосна пензија, за да го исполнат законскиот минимум од 15 години. Оваа можност ја најави министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски. Според предложеното законско решение, […]

Ѓурчески за заканите кон премиерот: Ако не се реагираше брзо, можеше да продолжи и кон пратеници, судии, обвинители!

Добро е што се реагираше брзо, испратена е силна порка кон организираните криминални структури во Македонија, се спречи ова да стане нечие секојдневие, изјави безбедносиот експерт Љубомир Ѓурчески во „Колегиум“ на ТВ Алфа.  Ова лице е познат криминалец, а со тоа е несомнена и неговата поврзаност со овие структури, за коие не е непозната употребата на насилни мерки, па дури и ликвидации, цени човекот кој дел од кариерата ја поминал токму во регионот од каде доаѓа криминалецот кој на социјалните мрежи се закани со јавна егзекуција на премиерот Мицкоски и неумесни зборови кон неговото семејство, потанцира човекот со богата кариера во МВР.

Најнови вести

To top