Нема само Скопје проблем со кучињата скитници. Слична е состојбата и во останатите градови. Се трудат да ги заловат и згрижат, но џабе – улиците повторно се полни со нив. Токму поради ова, градоначалниците од Источниот регион се договорија да градат заеднички регионален стационар – каде ќе се наоѓа, допрва ќе се утврдува.
Ги заловуваат и ги згрижуваат, но улиците повторно се полни со кучиња скитници. Поединечниот пристап не дава резултати, па општините од Истокот сега бараат заедничко решение. На вчерашниот состанок, градоначалниците од регионот се договорија заеднички да финансираат физибилити студија и основен проект за регионален стационар. Првите пет милиони денари ќе бидат потребни за физибилити студија и основен проект. Колку ќе плати секоја општина, ќе зависи од бројот на жители. Во меѓувреме се бара и локација каде ќе се гради стационарот.
„Имаше понудено од страна на градоначалникот на Општина Карбинци една локација, а има понуди и од други соседни општини. За тоа ќе одлучат нашите консултанти, односно проектантите, каде е најсоодветно, но тоа не менува ништо. Нам ни е важно да изградиме стационар каде ќе бидат згрижени бездомните животни“, изјави Тони Тоневски, претседател на Источен плански регион (ИПР).
Досегашниот модел со заловување и хуман третман преку специјализирани фирми ги чини општините, но не го решава проблемот долгорочно. Затоа Пробиштип планира да субвенционира стерилизација и кастрација на домашните миленици, со цел да се спречи неконтролираното размножување и создавање нови бездомни животни.
„Ние решивме оваа година да направиме уште еден чекор во поглед на решение на проблемот со бездомните животни, а тоа е да ги стимулираме сите сопственици на домашни миленици да ги кастрираат, односно да ги субвенционираме како општина, заедно со ветеринарните станици“, додаде Тоневски.
Решение за проблемот се бара и со новиот предлог-закон за благосостојба на животните. За неодговорно чување, напуштање или малтретирање на милениците се предвидуваат казни од 400 до 500 евра, а во случај на малтретирање и сурово постапување со животното, казната може да достигне и до 5.000 евра.