Македонија

Вештак за „Онкологија“: Преживувањето на пациентите и одговорот на туморот биле клучни параметри

Судот го одби барањето на Васев за изземање на техничкиот советник на Обвинителството

Со вкрстено испитување на вешто лице од страна на Обвинителството за критериумите врз кои се оценувани квалитетот и ефикасноста на онколошкиот третман, денеска во Основниот кривичен суд Скопје продолжи судењето за случајот „Онкологија“, во кој обвинети се поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Никола Васев, и онколозите Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски, пренесува медиумската информативна агенција.

На прашања на Обвинителството, д-р Владимир Даниловски одговараше за тоа кои клинички параметри биле применети при изготвувањето на наодот и мислењето за конкретните пациенти, како и дали било земено предвид дејството на хемотерапијата врз здравите клетки и последиците од тоа.

На прашање дали во основниот и во дополнителниот наод и мислење било земено предвид дејството на хемотерапијата врз здравите клетки и последиците од тоа, вештото лице одговори потврдно.

Во продолжение Обвинителството побара вештото лице да ги посочи клиничките параметри врз кои се темели процената на квалитетот и ефикасноста на онколошкиот третман по што вештото лице ги наведе вкупното преживување, преживувањето без прогресија, стапката на туморски одговор, контролата на болеста, безбедносниот профил на терапијата и квалитетот на животот на пациентот.

На прашањето кои од овие параметри биле применети при давањето на мислењето за конкретните пациенти, вештото лице остана на наодите наведени во вештачењето.

Одбраната приговори на дел од прашањата со образложение дека кај одделни пациенти вештото лице не вршело споредба меѓу разни третмани во однос на тоа дали биле подобри или полоши. Судот не ги прифати приговорите посочувајќи дека прашањата се поврзани со дадените наоди и мислења за конкретните пациенти и конкретното лекување.

Судот претходно прифати приговор на бранителот на првообвинетиот, адвокатот Дељо Кадиев, во однос на долго и нејасно поставено прашање. Судијката Снежана Марковска укажа дека вкрстеното испитување треба да се одвива постепено, со поставување конкретни прашања и барање конкретни одговори од вештото лице, особено во насока на проверка на неговиот исказ и стручност.

– Судот констатира дека начинот на кој е поставено прашањето излегува од рамките на поединечно дадени одговори на конкретни прашања при директно испитување и во таа насока судот посочува вкрстеното испитување во смисла на дискредитација на исказот на вештото лице, како и неговата стручност, да се одвива постапно со побарување конкретен одговор или изјава што ја има дадено вештото лице – образложи Марковска.

Во текот на рочиштето одбраната го отвори и прашањето за документацијата што била доставена до вештите лица во Словенија за потребите на вештачењето. Бранителот Дељо Кадиев побара Обвинителството да се произнесе дали постојат преводи на документацијата од македонски на словенечки јазик, како и дали на словенечките вештаци им биле доставени целосните истории на болеста или делумен, односно селектиран материјал.

– На 2 септември 2026 година до овој суд поднесов поднесок со кој барам судот да го задолжи јавниот обвинител да достави одредени докази, односно преводите од македонски на словенечки јазик. Јавниот обвинител веќе на две рочишта рече дека му е потребно повеќе време и се произнесе дека до наредните рочишта тоа ќе го стори. Но денеска сѐ уште не е доставено. Јас на судот му доставив и доказ дека на 1 јули 2026 година и директно се имам обратено до Јавното обвинителство. Дали се сите или комплетниот материјал од историите на болест е предаден заради вештачење на вештите лица од Словенија или, пак, е предаден делумно, делумен или селектиран материјал? Ова затоа што по извршениот увид е констатирано од страна на одбраната дека многу мал дел од историите на болест и за помали временски периоди е вештачен – истакна Кадиев.

Судијката Марковска појасни дека постапката за меѓународна правна помош во кривична материја со Република Словенија се одвива преку Министерството за правда, при што, во согласност со ратификуваниот меѓудржавен договор, писмената се доставува на јазикот на државата молител.

Јавната обвинителка Марија Ѓорѓева нагласи дека целокупната медицинска документација што е приложена во судскиот предмет била испратена на вештачење.

– Сите истории на болеста со сите списи што се внатре, кои се доставени како доказ во судот и кои се прилог на обвинителниот акт, се доставени до вештото лице во Словенија. Значи, историите на болеста со сите списи што се содржани во нив се доставени до вештото лице, предадени се на вештачење и сите тие се доставени во судот како доказ – нагласи обвинителката.

На почетокот на рочиштето судот го одби барањето на првообвинетиот Никола Васев за изземање на техничкиот советник на Обвинителството, д-р Милан Ристески.

Судијката Марковска образложи дека судот претходно го прифатил неговото учество како технички советник на Обвинителството, тој бил испитан во однос на сите пациенти опфатени со обвинението, а како доказ биле изведени и техничките извештаи што ги изготвил.

– Се одбива барањето за изземање на техничкиот советник на Обвинителството, д-р Милан Ристески, од причина што во однос на причините и основите наведени во поднесокот, а како судот со претходно решение еднаш веќе го прифати учеството на ова вешто лице како технички советник на Обвинителството, тоа во целост го испита во однос на сите пациенти на обвинението, а воедно ги изведе и како доказ техничките извештаи што ова вешто лице ги има изготвено имајќи ги предвид одредбите од член 238 став 1 од Законот за кривичната постапка во однос на делот од исказот на вештото лице, како и делот кај изменетите извештаи, кои се однесуваат на поименично наведените пациенти за кои одбраната тврди дека биле лекувани од овој доктор, судот тоа ќе го цени при донесување на одлуката за главната работа, односно при мериторното одлучување, откако претходно ќе ги испита наводите на одбраната од кои причини и присуството на овој технички советник на Обвинителството и давањето стручна помош на јавниот обвинител во оваа фаза од постапката, а од сите наведени причини судот ги дозволува – соопшти судијката Марковска.

Против решението, како што додаде, не е дозволена посебна жалба.

Во предметот обвинети се Никола Васев, Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски за продолжени тешки дела против здравјето на луѓето и за несовесно лекување болни. Постапката првично се водеше и против онкологот Мери Пешевска, која призна вина и беше осудена на условна казна затвор од две години.

Најнови вести од: Македонија

Костадиновски: Нема „чувствителни“ предмети за Уставниот суд, кој одлучува со правни аргументи, без политички и етнички влијанија!

Довербата на граѓаните, независноста на судството и отвореноста кон јавноста се клучни за јакнење на улогата на уставните судови, порача претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски, на регионалната конференција посветена на прашањето како да се зголеми довербата во уставните судови. Конференцијата, која се одржува денеска и утре, 16 и 17 септември, е посветена на независноста, транспарентноста, отвореноста кон јавноста и разбирливоста на судските одлуки.

Манасиевски: За кубење коса 4 години затвор, за 150 ќебапи 3 години, а одговорност нема за „Ласкарци“ и „Модуларна“ со 30 мртви, ниту за „Мазут“!

„Ова се двојните аршини на мал дел од македонското правосудство раководено директно од СДС и ДУИ. За кубење на коса, се добива 4 години затвор.За кражба на 150 ќебапи, се добиваат 3 години затвор. А за случајот Ласкарци, каде загинаа 16 луѓе, за случајот со модуларната болница, каде загинаа 14 луѓе или пак за случајот Мазут, вреден 167 милиони евра, имаме нула години затвор и нула одговорност.“ – реагира портпаролот на ВМРО ДПМНЕ Валентин Манасиевски.

Меџити: Разочарувачка е и длабоко неправедна пресудата во Хаг за нашите водачи – командантите на косовската УЧК!

„Денешната пресуда во Хаг во врска со водачите на УЧК е разочарувачка и длабоко неправедна за народот на Косово и за целиот наш народ! УЧК на Косово водеше чиста, одбранбена и праведна војна за слобода, независност и достоинство.“ – со оваа реакција се огласи денес сопретседателот на партијата Вреди Изет Меџити во објавата на фејсбук.

To top