Поранешниот државен секретар за надворешни работи и потпретседател на Либералната интернационала, Емил Кирјас, во објава на Фејсбук остро ги осуди личните навреди и клевети насочени кон претседателката на ЛДП, Моника Зајкова, по нејзината јавна порака од Софија.
Кирјас, кој во моментот се наоѓа во Софија, саркастично праша зошто напаѓачите не измислиле и приказна дека тој и уште двајца пријатели се во „тројна геј врска“ низ градот.
Тој посочи дека изгледа можат само да ѝ носат вода на Зајкова во она што го говори и како поентира, бидејќи напаѓачите не се доволно креативни во измислувањето и „бљуењето гадости онлајн“.
Додаде и дека „по изглед не сме ѝ ни до колена“ и дека мора да работат на себе.
Објавата доаѓа непосредно по јасната порака што Зајкова ја упати од Софија до бугарскиот европратеник Андреј Ковачев и до бугарските власти – дека е време конечно да се прекине со ирационалните условувања и да се покаже вистинска европска поддршка за Македонија.
Наместо суштинска дебата, одредени кругови одговорија со лични напади и клевети.
Редакцијата на „Експрес“ веќе соопшти дека нема да ги објави тие срамни конструкции, бидејќи станува збор за изолирани лични напади чија единствена цел е да се дефокусира јавноста.
Кирјас со својата реакција јавно застана во одбрана на Зајкова и го посочи ниското ниво на кампањата што се води против неа.