Денеска, на маргините на Генералното собрание на ОН, најавена е средба на Доналд Трамп со лидерите на Данска и Гренланд.
Се очекува, Трамп да потпише договор чија цел е зголемување на военото присуство на САД на Гренланд и ограничување на присуството на геополитичките противници. Претставнициуте на Данска и на Гренланд се надеваат дека договорот ќе стави крај на претходните изјави на Трамп во кои тој сугерираше дека би можел да го преземе Гренланд со сила.
Трамп го доби Гренланд: Остварување на сон што чекаше над 100 години
САД планираат повторно да отворат две поранешни воени бази од времето на Студената војна во јужен Гренланд и да воспостават воено присуство на источниот брег; се очекува договорот за ова да биде потпишан во вторник, за време на Генералното собрание на Обединетите нации, од страна на Вашингтон, Копенхаген и Нук, дознава Ројтерс од три извори.
Предвидено е воените бази да бидат лоцирани во населба со неколку десетици жители каде што во 1950-тите години беше затворена американската воена база „Блуи Вест 1“ (Bluie West One) – и во Местерсвиг, база што моментално ја користи „Сириус“ (Sirius Dog Sled Patrol), единица на данските специјални сили, изјавија за Ројтерс два извора запознаени со договорот.
Текстот на договорот не е јавно објавен, а три лица запознаени со договорот, кои сакаа да останат анонимни, изјавија за Ројтерс дека деталите не се конечни сè додека документот не биде потпишан.
Данска наведува дека договорот би ја вклучил безбедноста на Арктикот во рамките на НАТО, наместо таа да биде во исклучителна надлежност на САД и Данска.
Договорот уследи по повеќемесечниот притисок од американскиот претседател Доналд Трамп, кој постојано се залагаше за американска контрола врз Гренланд. Во одредени моменти, Трамп не ја исклучуваше можноста за употреба на воена или економска сила за преземање контрола врз оваа данска територија, која ужива висок степен на автономија, забележува Ројтерс.
Неговите закани, кои го достигнаа својот врв во јануари, предизвикаа дипломатска криза во рамките на НАТО и ги поттикнаа Данска и Гренланд да започнат преговори со Вашингтон за да се ублажи притисокот, според Ројтерс. За време на Студената војна, САД имаа 17 воени објекти на Гренланд и повеќе од 10.000 припадници на војската. Денес таму сè уште постои американската вселенска база „Питуфик“ (Pituffik), каде што се стационирани околу 150 припадници на американската војска.