Свет

Трамп го доби Гренланд: Остварување на сон што чекаше над 100 години

САД најавуваат брз развој на инфраструктура на островот

Screenshot

Претседателот на САД Доналд Трамп објави дека е постигнат договор меѓу Соединетите Американски Држави, Данска и Гренланд, според кој САД добиваат трајна контрола врз безбедноста на островот.

Според него, договорот ги отстранува сите досегашни американски загрижености поврзани со Гренланд.

Во објава на Truth Social, Трамп наведе дека спогодбата е постигната по негов налог, во соработка со данските и гренландските претставници.

„Договорот гарантира дека САД засекогаш ќе имаат целосна способност да сторат сè што е потребно во Гренланд за да ја обезбедат и да ја одбранат безбедноста на Гренланд и на Соединетите Американски Држави“, објави тој.

Една од клучните одредби предвидува дека „ниту еден американски противник никогаш не може да има база во Гренланд, воено присуство или да спроведува чувствителни инвестиции во Гренланд без изрична писмена согласност од САД“.

Трамп ја потенцираше стратешката важност на островот, потсетувајќи дека американските претседатели повеќе од еден век биле свесни за неа, но дека „никој од нив не успеа да направи ништо во врска со тоа“.

„Горд сум што сум претседателот кој трајно и конечно ја реши оваа исклучително важна ситуација. Ова е договор со „бесконечно траење“, нема крај!“, порача Трамп.

Тој најави и конкретни чекори што ќе следат.

„Веднаш ќе почнеме со процесот на развој на големо воено присуство во соодветните делови на Гренланд, кои ги има многу. САД ќе соработуваат со народот на Гренланд за овој развој и изградба“, напиша тој.

Решението го оцени како „одлично за Соединетите Американски Држави, Данска, Гренланд и за сите наши сојузници“. Изрази задоволство од идната соработка со Данска и Гренланд во насока на, како што рече, реализација на прекрасната иднина на оваа стратешки важна територија.

„Ќе го заштитиме многу! Ова е остварување на сон за Соединетите Американски Држави, нешто што е многу важно, историско и посебно“, заклучи тој.

Данската премиерка Мете Фредериксен потврди дека договорот ќе биде формално потпишан следната недела, на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации. Според неа, договорот „ја зајакнува заедничката безбедност во Арктикот и Северноатлантската област“, а истовремено „го признава суверенитетот и територијалниот интегритет на Кралството Данска и правото на гренландскиот народ на самоопределување“.

Американскиот државен секретар Марко Рубио го оцени договорот како голема победа за американскиот народ.

„Овој историски договор е голема победа за САД и за американскиот народ. Благодарение на визијата и лидерството на претседателот Трамп, овој историски договор трајно ги гарантира безбедносните интереси на САД во Арктикот, без никакви трошоци за американските даночни обврзници“, објави Рубио на X.

Тој додаде дека Гренланд трајно ќе биде дел од стратешката одбранбена зона на Северна Америка, со што се спречува присуство на било каков противник на островот и во неговата околина.

„Овој договор трајно и целосно ги решава нашите прашања за националната безбедност поврзани со Гренланд“, заклучи Рубио.

Најнови вести од: Свет

Трамп за идејата Канада да стане придружна членка на ЕУ: Смешно – тогаш ќе уследат многу сериозни царини!

Американскиот претседател Доналд Трамп ѝ се закани на Европската Унија со високи царини доколку процени дека приближувањето на Канада кон Унијата е непријателски потег кон САД, објави Политико.

To top