Соединетите Американски Држави официјално го поканија рускиот претседател Владимир Путин на самитот на Г-20 во Мајами во декември, изјави државниот секретар Марко Рубио по средбата со министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.
Вашингтон се надева дека Путин ќе ја прифати понудата, бидејќи тоа би овозможило разговор меѓу него и претседателот Доналд Трамп.
Двајцата се немаат сретнато од самитот во Енкориџ минатиот август. Мајами ќе биде домаќин на форумот на самитот на Г-20 во декември.
Рубио и Лавров разговараа за војната во Украина и за односите меѓу САД и Русија на средбата што траеше 52 минути.
По состанокот, Рубио рече дека Москва и Киев „искажале интерес за некаков вид ограничен прекин на огнот што ќе ги вклучи енергетскиот сектор и снабдувањето со жито“, но призна дека „нема да биде лесно да се договорат за прекин на нападите врз енергетските капацитети“.
„Очигледно, ниту тоа нема да биде лесно, но тоа е нешто за што и двете страни изразија интерес. Мислам дека претседателот Зеленски зборуваше за тоа јавно – тој зборуваше со нас вчера и, како што разбрав, во интервјуа во последните неколку часа. Значи, очигледно, тоа е нешто што може да се случи“, објасни првиот американски дипломат.
Според него, сите веќе разбираат дека војната нема да се решава на бојното поле, туку со преговарање.
Ова беше петти состанок меѓу шефовите на министерствата за надворешни работи на САД и на Русија од 2025 година. Пред неговиот почеток, новинарите беа повикани да ја напуштат просторијата.