Дополнително платено татковско отсуство, поддршка за децата на вработените и приспособени решенија за вработени што се грижат за членови од семејството беа во фокусот на настанот „Работни места по мерка на семејствата: размена на најдобрите приоди од компаниите шампионки“, одржан во Стопанската комора на Македонија. Претставнички на компании од Македонија и Косово споделија искуства со родово одговорни семејни политики и разговараа за нивната примена, резултатите и научените лекции. Ова беше истакнато на настанот организиран од Конект и Фондот за население на Обединети Нации, на кој активно учество земаа 50 претставници на деловниот сектор и други засегнати страни.
На настанот беше промовиран и практикумот „Работни места по мерка на семејствата: Практикум на мерки што функционираат“, кој ги доближува искуствата на компаниите до работодавачите што сакаат да воведат или да ја унапредат поддршката за усогласување на работните и семејните обврски. Пракрикумот претставува збирка на разновидни приоди на примена на родово одговорни семејни политики. Воспоставените мерки овозможиле зголемување на продуктивноста, лојалноста и задоволство кај вработените.
- „Работата и семејниот живот денес не можат строго да се одвојат. Компаниите го препознаваат тоа и флексибилноста сè повеќе ја користат за да ги привлечат и задржат своите вработени. Тоа го прават со овозможување работното време да се искомбинира со грижа за родители, деца и блиски, со флексибилни работни ангажмани, сервиси и услуги што го олеснуваат секојдневието. Законите и политиките треба да ја следат, а не да ја попречуваат оваа реалност и да им овозможат на компаниите полесно да создаваат работни места по мерка на семејствата“, изјави Никица Кусиникова, извршна директорка на Конект.
Регионалната соработка и размената на искуства беа истакнати како важен дел од унапредувањето на родово одговорните семејни политики.
- „Фондот за население на Обединетите нации, со поддршка на Австриската агенција за развој, активно работи на полето на спроведување родово-одговорни семејни политики во регионот, преку соработка со компаниите во приватниот сектор и владите“, вели Јованка Брајовиќ Григоријевиќ, вршителка на должноста шефица на канцеларијата на УНФПА во Македонија. „Проектот Проширување на изборот е одличен пример на регионална соработка на полето на промоција на родовата еднаквост преку размена на искуства и регионално поврзување“, додава Брајовиќ Григоријевиќ.
Во панел-дискусијата „Мерки што даваат резултати“ учествуваа претставнички од компаниите шампионки „Комфи Ангел“, „НЛБ Банка АД Скопје“ и „Фармахем“. Преку искуството на „FINCA Kosovo“ споделено од Hana Salihu се внесе и регионална перспектива во разговорот. Компаниите испратија заедничка порака дека родово одговорните семејни политики не мора да започнат со големи инвестиции. Често е доволно да се направи првиот чекор – да се препознаат потребите на вработените и да се воведе мерка што ќе им помогне полесно да ги усогласат работните и семејните обврски. Така се создаваат работни средини во кои вработените се почувствуваат поддржани, а компаниите стануваат поатрактивни и поконкурентни работодавачи.
Настанот се организираше во рамки на проектот „Проширување на изборот преку политики за усогласување на семејните и работните обврски“ спроведуван од Конект и УНФПА, а финансиски поддржан од Австриската агенција за развој (АДА). Во изминатиот период Конект преку програмата поддржи 7 компании да ја унапредат својата семејна одговорност и родова рамноправност обезбедувајќи менторство за меначмент и примена на стратешки мерки. Иницијативата се окрупнува преку Клубот на одговорни бизниси на Конект каде компаниите продолжуваат да ги разменуваат најдобрите пракси.