Швајцарија е фаворит во групата од Лигата на нациите со Македонија, Шкотска и Словенија како 21. на листата на ФИФА и четвртфиналист на Светското првенство летоска, но со преполовен состав во однос на тој што загуби од Аргентина по продолженијата доаѓа на мегдан со „црвено-жолтите“ в сабота во Скопје.
На стартот во Б-дивизијата селекторот Мурат Јакин не може да смета на шестмина стандардни репрезентативци, што ги зголемува шансите за успешно деби на избраниците на Гоце Седлоски во вториот сегмент по квалитет во ова натпреварување.
Капитенот Гранит Џака ќе го пропушти овој репрезентативен „прозорец“ поради проблемот со швајцарските власти околу лажниот сертификат за вакцинирање од Ковид-19 од пред четири години.
Напаѓачот Брил Емболо ќе биде со тимот, но нема право на настап поради црвениот картон од последниот меч на СП. Од тој тим ќе недостига и незадоволниот Ноа Окафор, кој е во конфликт со селекторот, голманот Јан Зомер најави повлекување од националниот тим, а стандардните првотимци Денис Закарија и Рубен Варгас се повредени.
Швајцарците се подготвуваат во Анталија, од кадешто ќе допатуваат во Скопје в петок и нема да одржат тренинг на Националната арена „Тодор Проески“ пред натпреварот од групата Е в сабота од 20:45 часот, по што веднаш се враќаат дома.
Ова ќе биде прв меѓусебен дуел на двете селекции.