Македонија

Муцунски: Технологијата напредува брзо, но одговорноста мора да остане човечка

Министерот нагласи дека иновациите треба да создаваат нови економски можности и поквалитетни јавни услуги, но истовремено мора да бидат придружени со јасна одговорност, заштита на граѓаните и почитување на владеењето на правото.

На маргините на 81. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, се обрати на настан во рамките на Глобалната платформа за регулаторни иновации (GRIP), организиран од Генералниот секретаријат на Кабинетот на Обединетите Арапски Емирати и Светскиот економски форум. Глобалната платформа е заедничка иницијатива на ОАЕ и Светскиот економски форум, насочена кон развој на современи и флексибилни регулаторни пристапи во услови на забрзан технолошки развој.

Во своето обраќање, министерот Муцунски се осврна на предизвиците што брзиот развој на новите технологии, особено вештачката интелигенција, ги поставува пред институциите, регулаторните системи и општествата. Тој нагласи дека иновациите треба да создаваат нови економски можности и поквалитетни јавни услуги, но истовремено мора да бидат придружени со јасна одговорност, заштита на граѓаните и почитување на владеењето на правото.

„Можеме да делегираме задачи на машините, но не можеме да ја делегираме одговорноста”, истакна Муцунски, нагласувајќи дека современата регулатива треба да создава простор за иновации, но и соодветни механизми за заштита, пропорционални на ризиците.

Посебен акцент беше ставен на потребата од поголема меѓународна регулаторна соработка, размена на искуства и активно вклучување на помалите држави во обликувањето на глобалните правила и стандарди за новите технологии. Токму меѓународната соработка и развојот на практични, приспособливи регулаторни решенија се меѓу клучните цели на GRIP.

Осврнувајќи се на нашата држава, министерот истакна дека дигиталната трансформација претставува конкретна можност за зголемување на конкурентноста на домашните компании, отворање нови перспективи за младите и обезбедување поквалитетни, побрзи и поефикасни услуги од институциите. Во таа насока, Муцунски повика на развој на конкретни регулаторни пилот-проекти, споделување успешни практики и создавање решенија што ќе бидат достапни и применливи за држави со различни институционални капацитети и ресурси.

„Интелигентната ера ќе го тестира квалитетот на нашето расудување исто колку и моќта на технологијата. Потребна ни е храброст да иновираме и мудрост да го зачуваме она што му дава смисла на напредокот”, порача министерот Муцунски.

Најнови вести од: Македонија

Дезинформациите ја загрозуваат иднината на македонското рударство

Геологот Ѓорѓи Димов, кој е и декан на Факултетот за природни и технички науки во Штип, изјави дека рударството и геологијата имаат огромно значење за економскиот развој на нашата држава, но и за нејзината иднина.

Андоновска: Во ИЈЗ се почитува Законот за јазици! – ДУИ не може да прифати дека нема повеќе „како до сега”!

Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, реагира на обвинувањата од ДУИ дека во институцијата не се почитува Законот за употреба на јазиците.

(Фото): Центар трча: Успешно заврши првата ноќна трка низ Дебар Маало

Убава вест за сите со спортски дух. Со музика, навивање и одлична енергија, во саботата се одржа првото издание на CENTAR NIGHT RUN. Дебар Маало и улиците на Центар беа исполнети со тркачи и публика, кои создадоа нова спортска приказна во градот.

To top