Македонија Колумни

Мисирков во 1903: Македонците да имаат свое македонско гледиште, одделувајќи ги своите интереси од интересите на Бугарија – „лошиот демон за Македонија“!

„Бугарската надворешна политика е главниот извор на сите наши несреќи. Затоа не може и да се зборува за некакви арнотии од Бугарија за Македонија. … Македонци! Време е да се убедиме оти лошиот демон за Македонија не е никој друг освен Бугарија. Ете зошто треба час поскоро да си ги одделиме нашите интереси од бугарските..“ – нагласува авторот на „За македонцките работи“ Крсте Мисирков во својот реферат со наслов „Имат ли се нужда од македонцки национални научно-литературни другарства?“, кој го изнесува на денешен ден, на 28 септември 1903 година во Македонското научно-литературно другарство „Св. Климент“ во Санкт Петербург (тогаш Петроград). Во поновата македонската национална и политичка историја ова е еден од датумите кога идеологот на македонизмот Крсте Мисирков најдиректно ја формулирал идејата дека македонското прашање мора да има сопствен македонски глас. Истапувајќи на денешен ден пред 123 години како национален мислител од највисок ранг Мисирков се залага Македонија да не биде предмет на туѓи политики, а Македонците сами да ја одредуваат сопствената национална и политичка позиција на Балканот – вонвременски завет и предупредување од исклучително значење во ова „евроинтеграциско време-невреме“ за македонскиот народ.

Пишува: Свето Тоевски

Рефератот од 28 септември 1903 година e вториот од трите текста, кои ги прочитал Мисирков ги прочитал на седниците на Македонското научно-литературно другарство „Св. Климент“ во септември и октомври 1903 година. Првиот бил прочитан на 21 септември, вториот на 28 септември, а третиот на 19 октомври 1903 година.

Подоцна овие три реферати, заедно со уште два текста, биле објавени во книгата „За македонцките работи“, отпечатена во Софија во 1903 година. Рефератот на Крсте Мисирков од 28 септември 1903 година е, значи,  дел од неговата монументална студија за македонизмот „За македонцките работи“ како манифест за македонската идентитетска, национална, јазична и културна само битност, кој и и денес служи како остар потсетник за неопходноста од интелектуална и национална самоодбрана на македонскиот народ. 

Мисирков повикува на отфрлање и отпор кон бугарските, грчките и српските пропаганди, кои се обидуваат да го негираат постоењето на македонскиот народ и неговиот македонски идентитет.  Рефератот на Крсте Мисирков е остра критика и кон секое и секакво откажување од националните позиции, заради туѓи геополитички ветувања. Рефератското истапување на Мисирков содржи „македонски идентитетски компас“ но и вонвременско предупредување дека Македонското прашање не е затворено; туѓите асимилаторски апетити само смениле форма, но ја задржале истата цел.

Мисирков: Русите им направија држава на Бугарите, кои се народ без традиции и народни идеали, без свест за народните и државните интереси и без свое историско наследство!

Основоположникот на современиот македонизам Мисирков во тоа рефератско истапување пред 123 години во Санкт Петербург (Петроград) го истакнал и следново: „Што гледаме ние во најновата бугарска историја? Бугарија добива политичка слобода, најважното нешто во народниот живот, уште тогаш кога кај нив немаше народни идеали, кога и самите не знаеја што сакаат. Слободата ја добија Бугарите со најмали жртви и усилби; неа им ја подарија Русите. Ослободувањето направи една голема пропаст помеѓу поранешната бугарска историја и живот, и новата. Во првата Бугарите видоа само еден мрак, затоа тие се одвраќаа од неа. И така Бугарите во новиот слободен живот се јавија како народ без традиции, народни идеали, свест за народните и државните интереси и историско наследство. Значи, Бугарија се јави како држава во вид на историско недоносче. Со усилбите на Русија тоа недоносче закрепна малку, но при првото осеќавање на своите сили најавува претензии за самостојна политика – извор на несреќи за Македонците.“

„Одделувањето наше од Бугарите ќе ни даде можност критички да се однесуваме кон бугарските работи, а не слепо да ги копираме и да насадуваме во Македонија… Значи, одделувањето на нашите интереси од бугарските, покрај другото, ќе нe избави од положбата како мајмуни да ги копираме бугарските непромислени постапки и на вера да ги примаме бугарските уверувања дека Бугарија е нашата арнотворка… тоа ќе развие во нас критички однос кон нашите и кон туѓите постапки.“ – рекол Крсте Мисирков.

Мисирков поставува во овој реферат прашање, кое задржува исклучителна актуелност би се рекло токму денес: кој има право да ги дефинира Македонија и Македонците?  Самите Македонци себеси и својата татковина Македонија, или соседните национални пропаганди? Веднаш на почетокот објаснувајќи ја целта на друштвото како „полно оддел’уан’е на нашите интереси од бугарцките“, Мисирков категорично порачува дека Македонците треба самите да ги испитуваат сопствената македонска народност и сопствените македонцки интереси, наместо тоа да го прифаќаат  од бугарската, српската или грчката средина. Мисирков констатира дека бугарската, српската и грчката средина ја разгледуваат македонската националност секоја од сопствена перспектива, па истакнува: „Ние треба да изработиме македонцко гледишче на нашата народност“. Ова е суштински различно од обичното барање за политичка автономија. Тоа е барање за национална и државна субјективност на македонскиот народ  – нешто што го негира денешна Бугарија, барајќи Македонија и Македонците да признаат свои „бугарски корени и темели“, оти „Тито ја создал Македонија во 1945 година“.

Идеологот на македонизмот Мисирков уште пред 123 години бараше Македонија да биде своја, а македонскиот народ со самосвојна македонска национална свест!

 Истапувајќи како национален мислител од највисок ранг Мисирков се залага Македонија да не биде предмет на туѓи политики, а Македонците да станат народ, кој сам ја одредува сопствената национална, културна и политичка позиција. Мисирков директно ја идентификува опасноста од надворешните пропаганди. Во рефератот тој зборува за „пропагандите“ и нивното влијание преку образованието. Во тој контекст пишува дека Македонците треба да не бидат „орадиiе во рацете на пропагандите и на нивните цели“. Мисирков изречно додава дека Македонците не треба да се стремат кон соединување ниту со Бугарија, ниту со Србија, ниту со Грција. Тој не само што ја нагласува  македонската етнојазична и државна посебност, туку и ја поставува како самостојна македонска позиција кон сите три конкурентни национални проекти: бугарскиот, грчкиот и српскиот. Мисирков жестоко ги критикува особено бугарските политики кон Македонија. Тој се произнесува критички кон бугарската, српската и грчката пропаганда, кои се натпреваруваат за влијание врз Македонија и македонскиот народ. 

Авторот на „За македонцките работи“ директно ја отфрла тогашната теза дека „не е време“ да се поставува прашањето за македонската националност. Неговата логика е многу современа и од денешна гледна точка: ако Македонците не го разгледуваат прашањето сами за себе, другите ќе продолжат да го разгледуваат наместо нив. Уште во 1903 година Мисирков бара: самостојно научно проучување за македонската национална засебност → самостојна национална самосвест → самостојна политичка позиција. Тоа е спротивно од политиката во која Бугарија го дефинира македонскиот идентитет од бугарска перспектива; Србија го дефинира од српска перспектива; Грција го дефинира од грчка перспектива; или која било голема сила го дефинира според сопствени геополитички интереси. Во оваа смисла, Мисирков бара Македонија да биде своја.

На 28 септември 1903 авторот на „За македонцките работи“  Крсте Мисирков најдиректно ја формулира идејата дека Македонското прашање мора да има сопствен македонски глас

Рефератот од 28 септември 1903 година е важен затоа што Мисирков не поставил само прашање дали треба да постои едно македонско научно-литературно друштво. Тој поставил прашање за македонскиот субјективитет. Неговата суштинска порака била дека Македонците треба сами да се проучуваат, сами да ја формулираат својата национална позиција, сами да ги проценуваат интересите на соседите, и да не дозволат туѓите пропаганди да станат замена за сопственото македонско гледиште. Затоа неговиот став „да изработиме македонцко гледишче на нашата народност“ од рефератот од 1903 година може да се чита како методолошка формула и за сопственото самостојно решавање на современото Македонско прашање. Тоа е разликата меѓу Македонија како објект на туѓи политики и Македонија како субјект на сопствената историја и политика. И токму во таа смисла 28 септември 1903 година е еден од датумите во поновата македонска национална и политичка историја кога Крсте Мисирков најдиректно ја формулирал идејата дека македонското прашање мора да има сопствен македонски глас.

(Авторот изнесува во оваа колумна согледувања од сопствена објективна политиколошка анализа, кои немаат никаква поврзаност со ниедна политичка партија во Република Македонија, ниту се став на редакцијата на „Експрес“)

 

 

Најнови вести од: Македонија Колумни

Стопанската комора бара посебен статус за транспортерите – нивно изземање од шенгенските ограничувања

Посебен статус за професионалните возачи и нивно изземање од шенгенските ограничувања што важат за туристите предлага Стопанската комора како решение за проблемот со македонските транспортери.

Западнонилската треска однесе живот и на 70-годишен пациент на Инфективната клиника во Скопје

Уште еден пациент со западнонилска треска во текот на викендот почина на Клиниката за инфективни болести. Се работи за 70-годишен пациент од Аеродром, кој имал повеќе заболувања. На Клиниката се хоспитализирани седум пациенти, од кои двајца се со потешка клиничка слика, изјави денеска директорот на Клиниката, д-р Фадил Цана.

Акција на МВР и АНБ: Во Скопје приведени повеќе лица, поради сомнение за тероризам

На повеќе локации во Скопје во тек е полициско-безбедносна акција во која се приведени повеќе лица поради сомнение за сторени кривични дела од областа на тероризмот, потврдија за МИА од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

„Политико“: „Патокази“ од ЕУ и забрзување на влезот на Украина, Молдавија, Албанија и Црна Гора, не и на Македонија!

Нов преседан на Брисел. Европската Унија првпат планира да одреди целни датуми за завршување на клучните фази од преговорите за пристапување со Црна Гора, Албанија, Украина и Молдавија, изјавија функционери од Брисел за европскиот аналитички магазин „Политико“. За Македонија нема ниту патокази, ниту сигнали за придвижување на нејзиниот евроинтеграциски процес, ниту ништо!

Сиљановска-Давкова на Салцбург самит: По 21 година кандидати и 17 позитивни извештаи на потег е ЕУ

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во рамките на 22. Европски самит во Салцбург, денеска се обрати на сесијата на тема „Дали Европа (сè уште) е глобален играч?“

ДУИ: Долгот на Општина Тетово изнесува 31 милион евра

Градоначалникот на Тетово, Билал Касами, го започна својот прв мандат кон крајот на 2021 година; во тоа време, тој изјави дека вкупниот долг на општината – вклучувајќи го и долгот на јавните претпријатија и училиштата – изнесувал приближно 24 милиони евра

Најнови вести

To top