Тема: Крсте Мисирков

Мисирков: Македонците да имаат македонско гледиште, одделувајќи ги своите интереси од интересите на Бугарија – „лошиот демон за Македонија“!

„Бугарската надворешна политика е главниот извор на сите наши несреќи. Затоа не може и да се зборува за некакви арнотии од Бугарија за Македонија. … Македонци! Време е да се убедиме оти лошиот демон за Македонија не е никој друг освен Бугарија. Ете зошто треба час поскоро да си ги одделиме нашите интереси од бугарските..“ – нагласува авторот на „За македонцките работи“ Крсте Мисирков во својот реферат со наслов „Имат ли се нужда од македонцки национални научно-литературни другарства?“, кој го изнесува на денешен ден, на 28 септември 1903 година во Македонското научно-литературно другарство „Св. Климент“ во Санкт Петербург (тогаш Петроград). Тогаш идеологот на македонизмот Крсте Мисирков најдиректно ја формулирал идејата дека македонското прашање мора да има сопствен македонски глас. Истапувајќи на денешен ден пред 123 години како национален мислител од највисок ранг тој се залага Македонија да не биде предмет на туѓи политики, а Македонците сами да ја одредуваат сопствената национална и политичка позиција на Балканот – вонвременски завет и предупредување од исклучително значење во ова „евроинтеграциско време-невреме“ за македонскиот народ.

Јачева- Улчар: Зад посебноста на македонскиот јазик стојат чувствата на македонскиот народ, но и аргументите на европската наука уште пред 120 години!

„Историјата на македонскиот јазик не ја испишувале само Македонците. Во неа своја трага оставиле и некои од најголемите европски лингвисти на своето време. Кога денес зборуваме за македонскиот јазик не смееме да заборавиме дека зад неговата посебност не стојат само чувствата на еден народ. Стојат и научни аргументи изградени многу пред создавањето на современите држави на Балканот. Историјата на македонскиот јазик не треба да се брани со пароли, туку со документи и факти, кои сведочат дека уште пред повеќе од еден век најугледните европски лингвисти го препознале она што денес некои сѐ уште се обидуваат да го негираат.“ – нагласува д-р Елка Јачева – Улчар, професорка во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, во својата објава на фејсбук со наслов „За посебноста на македонскиот јазик“.

Како некои Македонци говорат „маканглиски јазик“ и се откажуваат од духот на прадедовците и „единствената целосна татковина“!

Кога мало дете од 4 години – роден говорител на македонски јазик ќе каже „мало шипче“, наместо „мала овчичка“ (од англиски „sheep“ – овца), кога на родителите ќе им возврати со „уат?!“, наместо „што?!“, кога и зборовите за боите од англискиот јазик „грин“ („зелено“), „јелоу“ („жолто“) „ред“ („црвено“) ќе му излегуваат од устата попрво одошто соодветните македонски зборови  – примери што ги има чуено авторот на овие редови во говорната пракса во Македонија во последно време – тогаш на денешниов 5 мај, Денот на македонскиот јазик, најотворено и најискрено на себеси како македонски народ мора да си го поставиме прашањето: дали не само децата, туку и ние повозрасните започнуваме да говориме еден вид „маканглиски јазик“? А кога ќе го придодадеме кон претходните примери, кои ги има бездруго и многу повеќе, уште и фактот дека на детските родендени во Македонија многу повеќе се пее и се слуша „хепи брд ту ју, мај диар…“, одошто „среќен ти роденден, мое драго…), тогаш се отвора на овој празничен ден и второто длабоко вознемирувачко и алармантно прашање: кај ни оди нашиот мајчин македонски јазик, што се случува со него?!

To top