Изземање на професионалните возачи од шенгенските ограничувања што важат за туристите, и трајно решавање на проблемот со транспортерите, бара бизнис-секторот. Според координаторот за меѓународна соработка во Стопанската Комора, предлогот би бил паралелен механизам на билатералните визи.
- Возачите се соочуваат со неодржлива административна пречка. Стоката не се движи сама. Ова не е миграциско прашање, туку е прашање на опстанок на европските синџири на снабдување. Вкупно 77,5 отсто од нашиот извоз оди директно во ЕУ. Не е логично возачите кои ја сервисираат европската индустрија да се третираат со истите 90-дневни шенгенски ограничувања како туристите. Преку Коморскиот инвестициски форум (КИФ) и работните средби со Европската комисија, на средбата на бизнис-платформата на КИФ ќе имаме висок претставник од Европската комисија. Таму бараме посебен статус, што значи изземање за професионалните возачи како мобилни економски работници од витален интерес, што би било паралелно со користењето на билатералните механизми, оние долгорочни визи од типот Д со земјите членки. Ние нудиме паралелен механизам на билатералните визи. Онака КИФ се залага, рече Матракоски на прес-конференција.
Стопанството алармира дека бариерите за превозниците ќе се тема и на претстојниот состанокот на министрите за економија од регионот, што за два дена ќе се одржи во Цетиње.
- Тоа е значајна можност гласот на целото регионално стопанство без никакви посредници да биде директно соочен и разгледан од страна на ресорните министри и високите претставници на Европската комисија.
Претходно, транспортерите протестираат пред Делегацијата на ЕУ во Скопје, барајќи решение за престојот на професионалните возачи во Шенген-зоната. Од Владата рекоа дека имаат целосно разбирање за предизвикот со кој се соочуваат македонските превозници и дека континуирано се работи на изнаоѓање конкретни и трајни решенија.
Од Стопанската комора најавуваат дека повторно ќе побараат отстранување на административните пречки во трговијата, проширување на зелените коридори, меѓусебно признавање на трговската и фитосанитарната документација и забрзано приближување на компаниите од регионот до единствениот европски пазар. Во Будва, паралелно со состанокот на министрите, ќе се одржи и состанокот на бизнис-платформата ЕУ-Западен Балкан. На него ќе се разговара за конкретните нетарифни бариери, застојот на границите, признавањето на фитосанитарните сертификати и подготвеноста на компаниите за европските регулативи.
Како приоритети, КИФ ги издвојува поголемото вклучување на домашните фабрики во синџирите на снабдување, поттикнувањето на меѓусебните инвестиции, обуката и вработувањето домашни кадри и воспоставувањето директен оперативен дијалог со Европската комисија за побрзо отстранување на трговските бариери.