Француските воздухопловни и вселенски сили изведоа симулација на нуклеарен напад како дел од воената вежба „Покер“ (Poker).
Во вежбата учествуваа борбени авиони „Рафал“ (Rafale).
„Користиме вистинска опрема и ги следиме реалните процедури во многу сложени услови, со околу 50 авиони во воздух. Единственото ограничување е тоа што не летаме со вистински нуклеарни боеви глави под крилјата“, изјавија припадници на француската војска.
Во симулацијата учествуваа два тима: „Црвените“ го претставуваа непријателот, додека „Сините“ дејствуваа против нив. „Целта е да се осигураме дека ќе останеме способни да извршиме таква мисија во иднина, дури и додека технологијата се развива со сè поголема брзина“, објаснија француските воени претставници.
Екипажите имаа задача да ја пробијат непријателската одбрана и да ги испорачаат ракетите на одредени локации во зададена временска рамка. За време на ноќниот лет, кој траеше меѓу шест и осум часа, секој екипаж на „Рафал“ неколку пати се полнеше со гориво од еден од 15-те авиони-цистерни. Притоа, пилотот на борбениот авион мора да маневрира при многу големи брзини и на мали височини.
„Целта на нашата мисија е да се спречи војна, а со тоа и употребата на нуклеарно оружје. ’Покер’ е демонстрација на сила, осмислена токму за да се осигура дека тоа нема да се случи“, објасни командантот Жан-Батист, кој ја стекна потребната квалификација преку учеството во вежбата. Тој додаде дека секој пилот мора да учествува во најмалку една таква операција секоја година.
Франција во моментов е единствената држава со нуклеарно оружје во Европската унија, а постојано се водат дискусии за можното проширување на нејзината нуклеарна заштита врз целиот блок. Франција воспостави систем на „проширена“ нуклеарна одвраќање, кон кој веќе се приклучија голем број земји.