Повеќе од 100.000 Украинци во САД се соочуваат со неизвесност поради претстојното истекување на привремената заштита што им овозможува легално да живеат и работат во земјата, додека администрацијата на актуелниот американски претседател Доналд Трамп сè уште нема објавено какви се нејзините намери.
Прашањето се однесува на програмата за „Статус на привремена заштита“ (TPS), која САД ја доделуваат на луѓе од земји погодени од војна, природни катастрофи или други вонредни околности.
За Украина, тековната заштита официјално важи до 19 октомври 2026 година. Според најновите официјални проценки, таа опфаќа приближно 103.700 Украинци.
„Политико“ (Politico) известува дека некои американски политичари очекуваат оти администрацијата на Трамп може едноставно да не донесе јасна одлука дали да ја продолжи или да ја укине програмата.
Проблемот е што на официјалните веб-страници на САД сè уште стои 19 октомври како датум на истекување, па останува нејасно како ќе се постапува со работните дозволи и другата документација. Поради ова, повеќе од 100.000 луѓе би можеле да останат во еден вид правен вакуум, дури и ако засега не бидат депортирани.
Демократите и некои републиканци бараат продолжување
Група од 31 сенатор од двете партии кон крајот на септември побара од администрацијата на Трамп да го продолжи престојот за Украинците за уште 18 месеци и да го прошири опфатот и на други украински државјани.
Предложен е и закон со кој заштитата би се продолжила до 2029 година.
Оваа недела во Конгресот беше претставен предлог-закон со кој на Украинците би им се гарантирал престој до јуни 2029 година.
Претходно оваа година, администрацијата на Трамп укина слични заштитни мерки за државјани на неколку други земји.
За повеќе од 100.000 Украинци, клучнoто прашање затоа веќе не е само дали САД веднаш ќе ги принудат да заминат, туку дали федералната влада јасно ќе го потврди нивниот правен статус и правото на работа по 19 октомври.