Петмина јавни обвинители конкурираат за раководното место во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, на позицијата што досега ја држеше Ислам Абази. Изборот е закажан за 28 октомври, кога јавните обвинители ќе гласаат непосредно и тајно.
Според официјалната кандидатска листа на Советот на јавните обвинители, во трката се Фатон Азизи, Трајче Пеливанов, Лидија Раичевиќ, Искра Хаџи Василева и Јован Цветановски. Постапката се спроведува поради истекувањето на четиригодишниот мандат на Абази, избран во 2022 година.
Фатон Азизи од 2024 година работи во Обвинителството за организиран криминал и бил ангажиран во предметите „Адитив“, „Ботокс“ и „ФФМ“. Во изјава за „Фокус“ како приоритети ги наведува зајакнувањето на истражните капацитети, финансиските истраги, дигиталната форензика и меѓуинституционалната соработка.
Трајче Пеливанов моментално работи во Вишото јавно обвинителство Скопје. Претходно бил дел од Специјалното јавно обвинителство, а во 2022 година привремено раководел со Обвинителството за организиран криминал по суспензијата на Вилма Русковска. Во изјава за „Фокус“ го истакнува своето професионално искуство, додека програмата за раководење сè уште ја подготвува.
Лидија Раичевиќ има долгогодишно обвинителско искуство. Како јавен обвинител работи од 2003 година, а од 2014 до 2018 година била дел од Обвинителството за организиран криминал. Во моментов е во Основното јавно обвинителство Скопје.
Искра Хаџи Василева е обвинителка во самата институција за чие раководење конкурира. Меѓу предметите по кои постапува е и случајот против апелацискиот судија Ѓоко Ристов.
Јован Цветановски е обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, со повеќе од 25 години професионално искуство. Во јавноста е познат и по постапувањето поврзано со предметот „Мазут“.