Македонија не ја добила слободата на подарок. Нашата државност е резултат на жртвата и храброста на генерации кои го направиле невозможното возможно, порача днеска по повод 85-годишнината од Денот на Македоското востание, премирот Христијан Мицкоски.
„Денес, кога се поклонуваме пред нивното дело, имаме историска обврска да ја продолжиме нивната борба преку создавање посилна, достоинствена и просперитетна држава. Нашата татковина е поголема од секоја политичка генерација, од секој личен интерес и од секоја поделба. Доста е од мали амбиции и изгубени можности! Време е за големи национални цели, економски развој, правда и напредок. Најголемата борба на нашата генерација е борбата за иднината на нашите деца. Да изградиме татковина во која младите нема да избираат меѓу родната земја и сопствената иднина, туку ќе остануваат, ќе создаваат семејства и ќе ги остваруваат своите соништа.
Македонија не бара светот да се прилагоди на неа, туку да биде третирана со почит. Нашата определба е европска иднина, силни сојузништва и искрени пријателства, но со исправена глава. Македонското достоинство не е предмет на преговарање. Нашиот идентитет, јазик и историја се нашето наследство, нашата гордост и нашата обврска кон идните генерации.
Македонија не е само земјата во која сме родени. Македонија е земјата за која сме одговорни. Нашите предци ја отворија вратата на слободата, а наша должност е таа никогаш да не се затвори. Нека овој 11 Октомври не биде само ден на сеќавање, туку и ден на нова национална одговорност.
Нашите предци ни ја оставија Македонија како завет. Ние им ја должиме на нашите деца како иднина.
Затоа што Македонија не е само нашето наследство. МАКЕДОНИЈА Е НАШАТА МИСИЈА!
Нека е вечен споменот на борците за слобода! Нека е честит 11 Октомври! Нека е вечна Македонија!