Независниот синдикат на полицијата најостро ги осудува обидите за политичка манипулација и ставање етнички предзнак на борбата против недозволената трговија со дрога.
Според информациите со кои располага синдикатот, се работи за полициска акција во која осомничените лица најпрво се обиделе да ги прегазат полициските службеници, потоа го одзеле службеното оружје на еден од колегите, а на крај, додека бегале, предизвикале неколку сообраќајни незгоди на автопатот Скопје–Тетово. При тоа се здобиле со повреди, а при дополнителната проверка била пронајдена дрога.
„Апсолутно ирелевантен е фактот што се по националност колегите кои постапуваат и го ставаат својот живот во ризик поради спречување на ваквиот тип на сериозен криминал кој нема етничка граница“, нагласуваат од Независниот синдикат на полицијата.
Од синдикатот ги повикуваат сите релевантни структури внимателно да го проверат настанот и постапувањето на полициските службеници, а политичките партии да се воздржат од заземање страна на криминалот.
Случајот го промовираше ДУИ од каде се бара непристрасна истрага.