Граѓани на Охрид до редакцијата на Охрид1 испратија фотографии на кои се гледа автомобил натоварен со повеќе душеци, врзани на неговиот покрив, на патот кон селото Велестово, во рамките на Националниот парк Галичица.
Според сведочењето на граѓаните кои ги доставија фотографиите, лицата со возилото застанале покрај патот, ги истовариле душеците и ги оставиле во природата, по што си заминале.
Значи, некому му било полесно да товари душеци на покривот од автомобилот, да ги врзува, да ги транспортира до Галичица и таму нелегално да ги исфрли, отколку да постапи согласно прописите за одлагање кабаст отпад!
Се очекува надлежните институции сериозно да постапат по оваа пријава, да ги утврдат идентитетите и одговорноста на лицата и, доколку се потврди прекршокот, да изречат соодветни законски санкции.
Ова не е изолиран случај, туку дел од загрижувачката појава на непрописно исфрлање кабаст отпад во Охрид и неговата околина. Речиси секојдневно сме сведоци на фрлени душеци, гарнитури, стар мебел и градежен отпад покрај улиците, на јавните површини, во селата, а сега и во заштитените природни подрачја.
Апсурдот е уште поголем ако се знае дека ЈП „Охридски комуналец“ има објавен календар за бесплатно подигање кабаст отпад по улици, потсетува Охрид 1.
