Еден загинат, тројца повредени, директен судир на експресен пат и обвинение за тешко кривично дело против безбедноста во сообраќајот – ова е суштината на судскиот предмет против Ива Михајлова од Кочани.
Според обвинителниот предлог на Основното јавно обвинителство Кочани, несреќата се случила на 7 октомври 2025 година, околу 9:17 часот, на експресниот пат А3 Делчево – Штип, на делницата Кочани – Три Чешми, во близина на старата подлошка крстосница, спроти магацинот „Магнолија“.
Обвинителството тврди дека Михајлова управувала со автомобил „фолксваген поло“, со бугарски регистарски таблички, со брзина од 86 километри на час. Според обвинението, на тој дел од патот со сообраќаен знак било дозволено движење со најмногу 60 километри на час.
Сообраќајниот вештак, професор д-р Зоран Јошевски од Техничкиот факултет во Битола, кој го изработил вештачењето по наредба на Обвинителството, пред судот изјави дека, според неговата анализа, причината за несреќата била навлегувањето на „полото“ кое го управувала Михајлова, во коловозната лента за спротивната насока.
„Причината за случување на оваа сообраќајна незгода претставува недржењето на страна и правец од возачот на возилото ‘поло’“, рече на судењето вештакот Јошевски.
Јошевски објасни дека заклучокот го темели врз трагите од судирот, оштетувањата на возилата, нивните конечни позиции и фотодокументацијата од полицискиот увид.
Особено значајна, според него, е трагата од гребење. Тој посочил дека трагата е долга 2,3 метри, има форма на буквата „Ѕ“ и започнува во коловозната лента по која се движело „реното“.
Според пресметките на Јошевски, „полото“ на Михајлова навлегло околу 90 сантиметри во лентата за возилата од спротивната насока. Тој истакна и дека увидната екипа не регистрирала траги од интензивно сопирање.
Одбраната ангажирала свои стручни лица, Винко Гаица и Лазар Ангелов, чии анализи се разликуваат од заклучоците на Јошевски во однос на местото на судирот и дозволената брзина.
Јошевски пред судот објаснил дека неговата пресметка за брзината на „полото“ изнесува 86 километри на час, исто колку и пресметката на Ангелов, додека Гаица утврдил 88 километри на час.
Посебно важен е спорот околу ограничувањето на брзината. Иако во обвинението се наведува ограничување од 60 километри на час, Јошевски на расправата посочи дека, откако ги разгледал анализите на одбраната и повторно ја посетил пошироката зона на несреќата, се согласува со нив од технички аспект дека ограничувањето на критичниот дел би требало да се разгледува како 90 километри на час.
Причината, според неговото објаснување, е спојувањето на друг пат со експресниот пат, по кое не бил повторно поставен знак за ограничување од 60 километри на час.
Ова, но, не го отстранува спорот околу тоа кое возило навлегло во спротивната лента. Јошевски останал на ставот дека судирот се случил во лентата по која се движело „реното“, додека во анализите на одбраната се застапени поинакви заклучоци.
Во текот на испитувањето се отворило и прашањето за механизмот на настанување на смртоносните повреди кај сопатникот.
Вештото лице објаснило дека за дополнително прецизирање е потребен увид во целокупните списи од предметот, по што судот одлучил да ја достави документацијата за дополнително стручно произнесување.
Во обвинителниот предлог нема навод дека Михајлова се гони затоа што се декларира како Бугарка, ниту пак сообраќајката може да биде последица на нејзина национална припадност.
Случајот доби дополнителни реакции откако Михајлова се појави во Бугарија, иако, според Обвинителството, уште од октомври 2025 година ѝ биле одземени македонската и бугарската патна исправа, ѝ било забрането да ја преминува државната граница со лична карта и да го напушта Кочани, а имала и обврска редовно да се јавува во полиција.