Министерството за внатрешни работи распиша потерница по 23-годишната Ива Михаилова од Кочани, ќерка на Симеон и Христина, обајцата од истиот град.
„Лицето е барано по централна и меѓународна потерница по барање на Основен суд Кочани за кривично дело по член 300 став 4 и член 297 став 3 од Кривичниот законик“, соопшти МВР.
Ива Михаилова е обвинета за сообраќајна несреќа со смртни последици, а судењето е во тек. Овие денови таа избега во Бугарија.
Младата кочанчанка, која поседува и активно бугарско државјанство, викендов се појави во бугарските медиуми. Потоа беше утврдено дека македонската граница ја преминала на нелегален начин.
Основниот суд Кочани ѝ изрече мерки на претпазливост – одземање на патна исправа и забрана за напуштање на државата.
Поради непочитување на овие мерки, денеска ѝ беше определен 30-дневен притвор, кој ќе почне да тече од моментот на нејзиното приведување.