Македонија

Љупчо Георгиевски тврди „немало фашисти во Бугарија“, но факт е дека била членка на фашистичката Оска на Хитлер и окупатор на Македонија!

Лидерот на ВМРО-Народна партија и поранешен македонски премиер Љупчо Георгиевски реши да одржи мала историска лекција на фејсбук. Наброја фашисти и соработници на нацистите од Франција до Русија и Србија, за на крајот да ја соопшти поентата: „Единствено фашисти немаше во Бугарија“. Тоа не е точно. Во Бугарија пред и за време на Втората светска војна постоеле повеќе организации кои во историографијата се идентификуваат како фашистички, профашистички или националсоцијалистички. Не може да се избрише од историјата фактот дека Бугарија била членка на фашистичката Оска и окупатор во Македонија. Ова се нагласува во статијата, објавена во „Плус инфо“ со наслов „Љупчо Георгиевски тврди дека немало фашистички организации во Бугарија – имало, имало, обаче Љупчо не сака да знае за нив“.

Натаму во оваа статија се истакнува. На списокот се Сојузот на бугарските национални легиони, Сојузот на ратниците за напредок на бугарштината, Народното социјално движење на Александар Цанков, „Родна заштита“, па дури и организација со име Националсоцијалистичка бугарска работничка партија. Овие движења не ги измислила југословенската комунистичка историографија. Нивното постоење, идеологијата, антисемитизмот, антипарламентаризмот и врските со европската фашистичка десница се предмет на сериозни историски истражувања. Оксфордската историја на Бугарија, на пример, зборува за националистички, фашистички и протофашистички групи кои биле охрабрени од политиката на власта.

Особено познат бил Сојузот на бугарските национални легиони, со кој е поврзан генералот Христо Луков. Постоеле и „Ратниците“, со отворен антисемитизам и идеолошка блискост со националсоцијализмот, како и движењето на Александар Цанков. Колку и денес некому да му пречи зборот „фашистички“, историскиот спор околу карактерот на државниот режим не го брише постоењето на овие организации. Дури и современите бугарски историчари кои режимот на Борис III го определуваат како авторитарен, а не како фашистички, признаваат дека фашистички организации постоеле.

 Борис III ја врза Бугарија со Хитлеровата Оска

Приказната не завршува со организации на политичката маргина. На 1 март 1941 година Бугарија официјално пристапила кон Тројниот пакт и станала сојузник на нацистичка Германија и фашистичка Италија. US Holocaust Memorial Museum наведува дека Бугарија потоа учествувала во германскиот напад врз Југославија и Грција, а со германско одобрение окупирала најголем дел од југословенска Македонија, делови од грчка Тракија и Пирот. Тоа е терминологијата на една од најрелевантните светски институции за историјата на Втората светска војна и Холокаустот: occupation – окупација.

На чело на државата бил цар Борис III, кој од 1935 година воспоставил кралска диктатура и постепено ја приближувал Бугарија кон Германија. Неговите средби со Адолф Хитлер се документирани и на филм. Самото ракување со Хитлер, се разбира, не е доказ за фашизам; со Хитлер разговарале многу државници. Но бугарскиот цар не се среќавал со него како лидер на неутрална или непријателска земја, туку како владетел на држава која станала членка на Оската и чии војници во 1941 година влегле во окупираните територии на Југославија и на Грција.

Уште пред влегувањето на бугарската војска во Македонија, власта во Софија тргнала по патот на расното законодавство. Законот за заштита на нацијата, кој стапил во сила во јануари 1941 година, ги ограничил правата на Евреите, ги отстранувал од јавниот и професионалниот живот и вовел мерки инспирирани од антисемитската политика на нацистичка Германија. US Holocaust Memorial Museum наведува дека режимот на Борис и премиерот Богдан Филов ја прифатил германската хегемонија и вовел антисемитска државна политика.

За македонските Евреи окупацијата заврши во Треблинка

Најцрната страница од бугарската окупација на Македонија е март 1943 година. Бугарските власти ги собрале Евреите од Скопје, Битола и Штип, повеќе од 7.000 луѓе, ги затвориле во скопскиот Монопол и потоа ги депортирале во Треблинка. US Holocaust Memorial Museum пишува сосема недвосмислено дека операцијата ја спровеле бугарската полиција и војска и дека македонските Евреи биле жители на територија „окупирана од Бугарија“. Од Македонија, Тракија и Пирот бугарските власти депортирале вкупно 11.343 Евреи. Речиси сите биле убиени.

Истовремено, историски факт што не треба да се премолчува е дека депортацијата на околу 50.000 Евреи од предвоените граници на Бугарија била спречена по отпорот на дел од бугарското општество, пратеници предводени од Димитар Пешев и претставници на Бугарската православна црква. Тоа е чесен и значаен дел од бугарската историја. Но спасувањето на тие луѓе не ги воскреснува Евреите од Скопје, Битола и Штип, ниту ја претвора окупацијата на Македонија во нешто друго.

 Ставот на Георгиевски не го преживува судирот со фактите

Георгиевски во својот пост ги споменува Французите што се бореле за Рајхстагот, Власовците, Недиќ, Дража Михаиловиќ и Љотиќ. За секој од тие примери може да се отвори посебна историска расправа. Но никакви француски, руски или српски фашисти не можат да ги избришат бугарските легионери, ратници и националсоцијалисти. Ниту можат да го избришат фактот дека Бугарија била членка на Оската и окупациска сила во Македонија.

Затоа реченицата на Георгиевски дека „единствено фашисти немаше во Бугарија“ не е смела ревизија на комунистичката историографија. Таа не го преживува судирот со фактите. Може да се дебатира за точната историска дефиниција на режимот на Борис III, за неговите разлики со Хитлеровиот и Мусолиниевиот модел, па и за мотивите на тогашната бугарска политика. Но не може сериозно да се тврди дека во Бугарија немало фашисти. Имало, имало, обаче Љубчо не сака да знае за нив, заклучува „Плус инфо“ во статијата.

 

 

Најнови вести од: Македонија

Забрана за пиење на водата од пет јавни чешми во Општина Гевгелија, поради утврдени микробиолошки и физичко-хемиски отстапувања од нормите

Општина Гевгелија ја забрани водата за пиење од пет јавни чешми, согласно добиените резултати од Центарот за јавно здравје во Велес. Како што информираат од Општината, по направени анализи на пет места, резултатите од редовното испитување покажале дека водата не ги исполнува условите за безбедност и квалитет за пиење. Станува збор за природната чешма „Мурџева“ во Негорци, спомен-чешмата „Катерина“ во Конско, природната чешма на патот во Старо Конско, природната минерална чешма во Смрдлива Вода и водата од водоводот во Смрдлива Вода.

Венетски: Бугарите имаат криза на идентитетот, се срамат од сопствениот и бегаат кон македонскиот идентитет!

„Со паради и театар, како овој со Цар Самоил или поновиот со Ива Михаилова, Бугарите јасно покажуваат дека имаат класична криза на идентитетот и се срамат од тоа што се, па незадоволни од сопственото бараат друг идентитет, во овој случај македонскиот идентитет.“, изјави истражувачот Дардан Венетски во „За Македонските работи“ на ТВ Алфа.

Мицкоски: Нова инвестиција на „Кромберг и Шуберт“ и 2.000 нови работни места во Битола, за производство на Ауди

Компанијата „Кромберг и Шуберт“ започнува нов инвестициски проект каде што во следните четири години се предвидува отворање на нови 2.000 работни места, информира денес премиерот Христијан Мицкоски.

Милошоски: Вето на една членка е доволно за блокирање на македонскиот јазик во ЕУ, ете ги „успесите“ на СДС и Филипче

Една од тезите со која Филипче ја манипулира јавноста дека бугарското барање за уставни измени не носи ризици по националниот идентитет е тврдењето дека преговарачката рамка гарантира дека македонскиот јазик ќе стане и еден од службените јазици на ЕУ. Ова е голема манипулација

Најнови вести

To top