Македонија

Мицкоски: Рестартирање на „Окта“ за постабилно снабдување со горива

Премиерот предупреди дека можниот недостиг на дизел на светско ниво претставува сериозен предизвик

Можноста за повторно активирање на рафинеријата „Окта“ се разгледува во услови на светските предизвици со снабдувањето со дизел, а премиерот Христијан Мицкоски очекува наскоро да добие информација дали и во кој рок производството би можело да продолжи.

Мицкоски информираше дека е одржан состанок со најголемите трговци со нафтени деривати и горива, меѓу кои и со раководството на „Окта“, на кој било побарано да се преиспита можноста за рестартирање на рафинеријата.

Како што објасни премиерот, со оглед на тоа што продуктоводот е во функција и рафинеријата е физички поврзана со Солунското пристаниште, постои можност во иднина да се транспортира сурова нафта, која потоа би се преработувала во гориво, вклучително и дизел.

„За жал, рафинеријата од 2012 година не е пуштена во погон. Таа е затворена, се прави во моментот дефектажа и очекувам многу скоро да добијам информација од раководството на ‘Окта’ дали, и за колку време, евентуално би можела рафинеријата да биде ставена во функција“, изјави Мицкоски.

Во однос на снабдувањето со гориво, тој рече дека според информациите што ги добил од трговците, нема причина за загриженост од недостиг до крајот на годинава. Додаде дека во неофицијални разговори добил уверувања дека трговците не очекуваат проблеми ниту во текот на следната година.

Сепак, Мицкоски предупреди дека можниот недостиг на дизел на светско ниво претставува сериозен предизвик. Според него, ниту една држава не може да издржи повеќе од три месеци без испораки на дизел гориво, вклучително и Македонија.

Премиерот нагласи дека Владата останува посветена на политиката на најниски цени на горивата, пред сè на дизелот и безоловните бензини со 95 и 98 октани. Според неговите зборови, цените во Македонија веќе се речиси половина евро по литар пониски отколку кај повеќето соседни земји.

Тој призна дека таквата политика носи предизвици и одредени ризици, но истакна дека заштитата на животниот стандард на граѓаните останува приоритет.

„Стандардот на граѓаните за нас е императив и наша цел е да го заштитиме онолку колку што можеме. Тоа го правиме и во таа насока ќе продолжиме да се однесуваме“, порача Мицкоски.

Најнови вести од: Македонија

Извозот зголемен за 10,8% – најмногу се тргува во земјите на ЕУ, но кои земји се во фокус?!

Во периодот јануари – септември 2026 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, најмногу се тргувало со Германија, Велика Британија, Кина, Грција и Србија. Овие пет земји учествуваат со 49,7 проценти во вкупната размена.

Муцунски: Нема да бидеме лицемерни и да зборуваме за евроинтеграција, а да донесуваме измени на КЗ како оние од 2023

Нашиот став е дека има фундаментална разлика за тоа што кажува официјална Софија и тоа што го гледаме од правна гледна точка како преземени обврски од претходната Влада и сето тоа не става нас во ситуација како Влада дека нема предвидливост на процесот, рече министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски во одговор на новинарско прашање […]

Жителка на Куманово требала да врати 2500 евра камата за еден месец за заем од 4 илјади евра! Истрага за четворица за криминална изнуда и перење пари

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција донесе наредба за спроведување истражна постапка против четири лица, за кои постои сомнеж дека биле дел од злосторничко здружение, а вршеле и перење пари и изнуда. За тројца од нив денес до судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје е доставен предлог за определување притвор, додека четвртиот веќе е надвор од Македонија.

Огромен интерес за милионот: Досега пријавени 413 тимови, рокот истекува на 11 ноември

Заклучно со 5 ноември, на второто издание на натпреварот за најдобра бизнис-идеја се пријавени 413 средношколски тимови, кои со своите креативни и иновативни идеи влегуваат во трката за инвестиција од еден милион денари.

Неделен извештај за измерени средно-дневни вредности на емисии од главните емисиони точки во ТИТАН УСЈЕ

ТИТАН УСЈЕ ги поканува сограѓаните, невладините организации, граѓанските групи и медиумите да ја посетат компанијата во кое било време и да добијат одговори на сите прашања од јавен интерес.

Независниот синдикат на одбраната: Не го поддржуваме утрешниот манипулативен протест! Нашиот пат е дијалог, а не улица!

Независниот синдикат на одбраната (НСО), како најголем и репрезентативен синдикат на вработените во Министерството за одбрана и Армијата, остро се спротивставува на обидите за манипулација и вовлекување на припадниците на Армијата во протести кои не ги одразуваат нашите синдикални вредности и принципи.

Најнови вести

To top