Македонија

Мицкоски за Груби: Не би рекол дека е слободен

Екстраваганцијата не помага

Премиерот Христијан Мицкоски смета дека прославата по укинувањето на куќниот притвор на поранешниот вицепремиер Артан Груби не му оди во прилог, туку дополнително му ја отежнува положбата. Одговарајќи на новинарско прашање за славењето што се одржа по промената на мерките, Мицкоски посочи дека Груби не е целосно слободен, бидејќи и натаму има ограничувања.

„Не би рекол дека е слободен како што јас сум слободен, бидејќи јас ја имам мојата патна исправа и можам да го напуштам и градот и државата“, изјави Мицкоски.

Тој објасни дека според информациите што ги добил, по истекувањето на законскиот рок од 60 дена судот бил должен да ја прекине мерката куќен притвор и да определи други мерки за обезбедување на присуството на обвинетиот.

Осврнувајќи се на прославата, која новинарот ја опиша како славење „како за Нова година“, премиерот рече дека го прочитал јавното извинување од Груби и неговото семејство поради вознемирувањето што можело да го предизвика собирањето.

„Тие ниту се организатори, ниту пак имаат намера да бидат организатори на таков тип егзотично однесување на поединци“, рече Мицкоски, повикувајќи се на објавеното извинување.

Според премиерот, ваквото однесување на дел од присутните не претставува политичка поддршка што му користи на Груби.

„Претпоставувам дека тоа е дел од карактерот на поединци кои мислат дека со ваков тип екстраваганција им помагаат на своите сопартијци, но мислам дека грешат. Напротив, им отежнуваат“, порача Мицкоски.

Куќниот притвор на Груби беше укинат по истекувањето на законскиот рок, но против него останаа во сила други мерки на претпазливост – одземање на патната исправа, забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, и обврска за јавување во судот.

Најнови вести од: Македонија

Скопје домаќин на четвртиот Меѓународен конгрес на студентите по медицина и биомедицински науки

годинашното издание се одржува под мотото „…AND BEYOND“, со цел да поттикне научна размена, практично учење, меѓународна соработка и унапредување на медицинското образование

(Видео): Кина гради дури 90 дата центри во град со два милиона жители

Меѓу полињата со сончогледи и сирак во Внатрешна Монголија во Кина никнуваат огромни комплекси што ги носат имињата на Хуавеи, социјалната платформа Куаишоу и давателот на услуги за податоци VNET.

To top