Неколку ракети испукани од Хутите ја погодија претседателската палата Ал-Машик во Аден. Во нападот загинаа двајца припадници на безбедносните сили на премиерот Шејх ал-Зиндани, соопшти денес меѓународно признатата влада на Јемен.
Бунтовниците поддржани од Иран изјавија дека цел им бил наводен центар за воени операции на Саудиска Арабија што се наоѓа во комплексот, објави Си-Ен-Ен.
Министерството за информации на владата во соопштение истакна дека премиерот е безбеден.
„Премиерот Шејх ал-Зиндани и членовите на владата се безбедни по ракетниот напад на Хутите врз палатата Ал-Машик во привремениот главен град Аден“, се вели во соопштението.
Аден е де факто главен град и седиште на меѓународно признатата влада на Јемен.
Хутите соопштија дека денешниот напад е дел од нивната јавно објавена стратегија за таргетирање на саудиските воени сили каде и да се наоѓаат.
„Гранатирањето на воениот оперативен штаб на саудискиот непријател во Аден е дел од нашата декларирана стратегија за таргетирање на саудиските воени сили каде и да се, сметајќи го секое воено присуство на саудискиот непријател како легитимна цел“, се вели во соопштението.
Јеменската влада не даде подробности за типот на ракетите што биле употребени, ниту за обемот на штетата нанесена на палатата.