Бегството на Ива Михаилова во Бугарија среде судскиот процес во кој се товари за сообраќајна несреќа со еден загинат ќе биде покренато на состаноците на НАТО, како и пред меѓународните партнери во земјава, најави македонскиот премиер Христијан Мицкоски во интервју на ТВ 21.
Тој не верува дека властите во Софија ќе постапат по евентуалното барање од Скопје за екстрадиција на бегалката од македонската правда, оценувајќи го како неприфатливо образложението оти таа е (и) бугарска државјанка, поради што не може да биде испорачана во друга земја.
„Тоа не е образложение, туку барање алиби кое нема никаква врска“, рече Мицкоски, повикувајќи ја Бугарија да ги испорача и нејзиниот татко Симеон Михаилов, и другите осудени бегалци од Македонија што најдоа засолниште кај источниот сосед.
„Ние сме партнери, не може да бидат прибежиште за осудени криминалци“, додаде шефот на македонската влада во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21.