Красен Станчев е еден од оние бугарски интелектуалци и академици кои имаат исклучително промакедонски ставови во однос на бугарско-македонскиот спор и е еден од најгласните бугарски интелектуалци кои јавно се противат на бугарското вето и политиката на Софија кон Македонија.
Тој е активен член на Клубот за бугарско-македонско пријателство и има директно професионално искуство во земјава, работејќи на економски програми и реформи во Македонија по 2006 година. Интересен факт е дека тој течно го зборува македонскиот јазик.
Неговите клучни ставови за Македонија изнесени во медиумите содржат остра критика кон бугарското вето и реторика.
„Реториката на Бугарија е како онаа на Путин“
Во своите јавни настапи, Станчев привлече огромно внимание со изјавата дека бугарската реторика кон Македонија не се разликува од реториката на Путин кон Украина. Тој смета дека двете позиции се засновани на негирање на идентитетот и историски илузии.
Тој ги дефинира барањата на Бугарија кон Македонија кало надвор од критериумите за ЕУ.
Станчев потенцира дека Софија поставува вештачки услови и барања за членство кои воопшто не постојат како официјални критериуми на Европската Унија.
Станчев беше меѓу првите бугарски научници и општественици кои потпишаа отворени писма во кои тврдењата на Софија дека македонскиот јазик и нација се вештачки и настанале по 1945 година ги нарече „неубедливи, наивни и застарени“.
Како економист, Станчев често нагласува дека лошите политички односи и ветото нанесуваат огромна штета врз економијата, трговската размена и заедничките инфраструктурни проекти, како Коридорот 8, меѓу двете соседни земји.
Уште од раните фази на транзицијата, тој позитивно ја оценуваше македонската економија, истакнувајќи дека Македонија има исклучително стабилна монетарна политика и стабилен девизен курс на денарот.
Слушнете ги изворно неговите ставови