Среде тешката криза што ја тресе фудбалската репрезентација на Македонија во поглед на резултатите, а посебно во однос на (не)ефикасноста изразена само со два постигнати гола во последните 12 натпревари, можното решение за нападот на „црвено-жолтите“ доаѓа од Хрватска во името на Илија Несторовски.
„Јас секогаш се надевам. Тренирам, играм и никогаш не сум се откажал од репрезентацијата. Ако дојде повик, секогаш сум тука, достапен за Македонија, бидејќи да се игра за својата држава е навистина гордост. Гледам дека во последните години не ме викаат, тоа не е никаков проблем. Имам повеќе време во тие репрезентативни паузи да бидам со семејството. Но, ако се случи по овие одлични игри некој можеби да се сети на мене… Океј, тука сум јас“, изјави за „Спорт клуб Хрватска“ напаѓачот на Славен Белупо.
Популарниот Нестогол, кој ни на 36 години не престанува да ги тресе мрежите, постигнувајќи 9 гола во 11 настапи за својот тим сезонава, за македонската репрезентација има 10 погодока на 52 средби.
Последната беше против Англија на 19 јуни 2023 година на „Олд трафорд“ во Манчестер во квалификациите за Европското првенство 2024, кога прилепчанецот влезе во игра во второто полувреме.