Италијанската влада ќе распореди 500 војници во Милано, по немирите што за време на викендот се проширија низ градот. Одлуката е донесена на состанок со кој претседаваше премиерката Џорџа Мелони, пренесува весникот „Ил Месаџеро“
Во очекува нови инциденти, луксузните продавници во оваа модна престолнина вчера затворија порано од вообичаеното.
Војниците веќе патролираат по улиците на Милано во рамките на операцијата „Безбедни улици“ – иницијатива во која припадници на војската ѝ помагаат на полицијата во одржувањето на безбедноста во урбаните средини и во обезбедувањето на чувствителни локации.
Во оваа операција се вклучени вкупно 6.800 војници, распоредени во 58 провинции.
Мелони ги свика замениците премиери Антонио Тајани и Матео Салвини, како и министрите за внатрешни, за одбрана и министерот за земјоделство заедно со раководителите на безбедносните и разузнавачките служби.
Салвини ја потврди одлуката преку објава: „Уште 500 војници за заштита на Милано“.
Според „Ил Месаџеро“, новите мерки би можеле на војската да ѝ дадат овластувања еднакви на оние на органите за јавна безбедност, вклучително и правото да приведуваат лица фатени на самото место при извршување кривично дело.
Протестите против високите трошоци за живот и проблемите во јавните служби беа проследени со фрлање предмети кон полицијата, подметнување пожари и напади врз продавници. Насилството се прошири и во други градови.
Владата планира да претстави поширок пакет мерки за справување со насилството. Според италијанските медиуми, пакетот ќе има за цел воведување построги правила во однос на превентивниот притвор и насилството извршено од малолетници.