Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека смета оти има право повторно да се кандидира за претседател на САД, бидејќи, како што тврди, демократите му ја украле победата на изборите во 2020 година.
На предизборен собир одржан вчера Ајова, тој призна дека Уставот на САД забранува трет мандат, но повторно го изнесе тврдењето дека победил на сите три претседателски избори на кои учествувал.
„Не знам кој ќе биде вашиот следен претседател, а мислам дека законот вели оти не можам повторно да се кандидирам. Долго време ја проучував таа формулација“, им рече Трамп на своите присутни поддржувачи.
Претседателот на САД потоа се наврати на изборите во 2020 година – на кои загуби од демократскиот кандидат Џо Бајден – повторувајќи неосновани тврдења за изборна измама. „Една работа е поинаква. Бевме измамени на оние избори. А ние победивме три пати. Мислам дека имам право повторно да се кандидирам бидејќи тие измамија“, рече Трамп.
Тој додаде дека сака неговите победи на сите три изборни циклуси да бидат признаени.
Трамп и претходно во неколку наврати зборуваше за можноста да остане на власт и по завршувањето на неговиот втор мандат, иако понекогаш признаваше дека Уставот не го дозволува тоа.
Неговите најнови изјави доаѓаат помалку од две недели пред изборите за Конгресот на 3 ноември, на кои републиканците се обидуваат да го задржат своето мнозинство во Конгресот.
Но, дваесет и вториот амандман на Уставот на САД изречно пропишува дека ниедно лице не може да биде избрано за претседател повеќе од двапати.
Оваа одредба била ратификувана во 1951 година, по четирите победи на Френклин Д. Рузвелт на претседателските избори.
Трамп веќе отслужи еден мандат, од 2017 до 2021 година, а својот втор мандат го започна во јануари 2025 година.
Според сегашното уставно ограничување, тој не може повторно да биде избран за претседател во 2028 година.
За промена на таа одредба би било потребно измена на Уставот, за што е неопходно двотретинско мнозинство во двата дома на Конгресот, како и одобрување од три четвртини од сојузните држави во САД.