„Ова е законско решение со кое пристапуваме кон системско решавање на еден долгогодишен проблем и воспоставување јасни правила за трансформација на договорните ангажмани во редовен работен однос на неопределено време. Нашата цел е едноставна: луѓето кои со години чесно работат и придонесуваат за институциите да добијат правна сигурност, достоинство и права кои произлегуваат од редовниот работен однос“, рече тој.
Стојаноски рече дека со години во јавниот сектор се создавала состојба во која луѓе извршувале редовни и континуирани работни задачи, но формално останувале привремено ангажирани.
„Немаат сигурност на работното место, ги немаат сите права на платен одмор, социјално и пензиско осигурување кои произлегуваат од редовниот работен однос. И ова не е само административно прашање. Ова е прашање на човечко достоинство“, рече тој.
Стојаноски појасни што конкретно предвидува законот.
„Прво, се овозможува трансформација на договорните ангажмани во редовен работен однос на неопределено време за лицата во институциите опфатени со законот. Второ, утврдуваме конкретни рокови за реализација. Трето, обезбедуваме заштита на луѓето додека трае постапката. Четврто, воведуваме ред и одговорност во идните ангажирања. Петто, целиот процес ќе се спроведува со финансиска контрола“, рече пратеникот.
Појасни дека станува збор за лица ангажирани со договори на определено време, договори на дело, авторски договори, преку агенции за привремени вработувања и други договори за извршување работа.
„Со решението се опфаќаат органите на државната власт, определени јавни установи од областа на здравството, културата, детската и социјалната заштита, единиците на локалната самоуправа, јавните претпријатија, заводите, фондовите и другите институции утврдени со законот. Предвидени се и конкретни исклучоци од опфатот, кои се прецизно наведени во законскиот текст“, рече Стојаноски.
Тој кажа дека од ова законско решение се изземени акционерските друштва, воениот и цивилниот персонал на служба во Армијата при Министерството за одбрана, основните и средните училишта, ученичките и студентските домови, како и високообразовните и научните установи.
Исто така, изземени се Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање, Бирото за јавна безбедност, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, Управата за финансиска полиција и Управата за финансиско разузнавање.
Со законот, додаде Стојаноски, се испраќа јасна порака дека договорните ангажмани не смеат да бидат трајна замена за редовното вработување.