Актуелниот премиер Бенјамин Нетанјаху води во добиените гласови на изборите во Израел, но нема мнозинство, што значи дека му претстои тешка битка да ја задржи власта.
По пребројени 42 % од гласовите од вчерашните парламентарни избори во Израел, владејачката коалиција на премиерот Бенјамин Нетанјаху води и би имала 57 пратенички места во Кнсетот.
Според податоците од Централната изборна комисија, опозицијата би имала 47 пратенички места.
„Тајмс оф Израел“ потсетува дека и претходните резултати укажуваа на тоа дека владејачката коалиција ќе има мнозинство во Кнесетот, кој брои 120 пратенички места.
Излезноста на гласачите достигна рекордно ниво од 77,7 %, незабележано дури од 1973-та година.
Партиите што ги застапуваат Арапите ќе имаат вкупно 16 пратенички места: „Арапската заедничка листа“ освои 12 мандати, а партијата „Раам“ 4.
Ултрарелигиозните партии во Израел ќе имаат вкупно 29 пратенички места, додека партиите што ги претставуваат Евреите од руско говорно подрачје ќе имаат 8.
Три партии, според досегашното пребројување, се под изборниот праг од 3,25 % .
Ова се делумни резултати и се очекува да се променат како што ќе продолжува пребројувањето на гласовите.
Се предвидува дека партијата „Јашар“ ќе освои 21 пратеничко место, додека партијата „Заедно“, предводена од поранешниот премиер Нафтали Бенет, се очекува да освои 14.
Гласовите на припадниците на војската сè уште не се преброени; се чини дека токму овој дел од гласовите би можел да биде одлучувачки за исходот од изборите.
Арапските партии би можеле да одиграат значајна улога во преговорите за формирање влада. Сепак, лидерот на опозицијата, Гади Ајзенкот, речиси целосно ја исклучи можноста за коалиција со нив, а Нетанјаху ја отфрли идејата за влада што би зависела од арапските партии.
„Мораме да формираме силна, десничарска национална влада“, им порача Нетанјаху на своите поддржувачи во Ерусалим. Тој зборуваше за воените успеси на Израел и за „елиминирање на иранската закана“, но се воздржа од прогласување победа.
Претходно, Ајзенкот изјави дека јавноста гласала против тоа Нетанјаху да остане премиер и го повика да се повлече од политиката.
Американскиот претседател Доналд Трамп објави изјава на социјалната мрежа „Truth Social“ – потпишана под името Ирвинг К. Шварц – во која тврди дека трката се променила откако тој му дал поддршка на Нетанјаху:
„Кога претседателот Трамп му даде поддршка на Биби Нетанјаху, сè се промени. Сега, наместо убедлив пораз за еден одличен премиер, се чини дека дојде до голем пресврт, со што трката стана целосно изедначена – или дури води кон ПОБЕДА НА НЕТАНЈАХУ. Сето ова се случи ОТКАКО претседателот Трамп ја понуди својата поддршка, бидејќи тој го сака само најдоброто за Блискиот Исток, Израел и Соединетите Држави!“
Ова се првите избори во Израел по нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година и војните што следеа во Газа, Либан и Иран.
Критичарите на Нетанјаху го обвинија за безбедносни пропусти кои довеле до нападот, додека тој својата кампања ја фокусираше на безбедносните прашања и воените успеси на Израел.
Доколку ниту еден блок не успее да формира влада, Нетанјаху би можел да остане премиер во технички мандат за време на преговорите или сè до одржувањето на нови избори.
По објавувањето на конечните резултати, претседателот Исак Херцог ќе одржи консултации со претставниците на партиите и ќе му го довери мандатот на кандидатот за кој проценува дека има најголеми шанси за формирање влада.