Македонија

Мицкоски: Македонија има највисок економски раст во регионот и инфлација пониска од европскиот просек

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата води про-бизнис и проекономска политика, посочувајќи ги податоците на Европската комисија, Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка како потврда за економските резултати на Македонија.

Одговарајќи на новинарско прашање по промоцијата на мобилната апликација „m.Uslugi“, Мицкоски рече дека Македонија има највисока стапка на раст на бруто-домашниот производ во регионот и најниска инфлација. Според него, инфлацијата во земјава е за 25 проценти пониска од европскиот просек, додека економскиот раст во вториот квартал годинава достигнал 4,3 проценти, пренесува МИА.

Мицкоски оцени дека овие показатели се резултат на владините економски политики и најави дека Владата ќе продолжи со истиот пристап.

Премиерот се осврна и на финансиската состојба на државата, наведувајќи дека Владата сè уште се справува со обврските наследени од претходниот период. Според неговите процени, во 2027 година ќе треба да се рефинансираат или да се вратат заеми во вредност од 2,3 милијарди евра, додека за 2028 година се предвидени обврски од 2,7 милијарди евра.

Тој оцени дека станува збор за значителен финансиски товар и повторно ја обвини претходната власт за дел од проблемите, посочувајќи ја 2020 година како период во кој, според него, имало големо зголемување на задолжувањето.

И покрај финансиските предизвици, Мицкоски рече дека Владата ќе продолжи да ги исполнува обврските и да ги спроведува реформите. Тој се осврна и на меѓународните околности, вклучително и војната во Украина, енергетските предизвици и протестите во европските земји, оценувајќи дека тие дополнително ја усложнуваат економската состојба.

Премиерот порача дека Владата ќе работи на одржување и подобрување на економските показатели, додавајќи дека состојбата во земјава, според неговата оценка, е подобра отколку пред три или четири години.

Најнови вести од: Македонија

Милошоски: Филипче зборува за Србија, за да не се зборува за состојбите во СДСМ

Претседателот на СДСМ ја пренасочува политичката дебата кон Србија за да ги избегне прашањата за состојбите во сопствената партија, неговиот личен рејтинг и слабата внатрепартиска кохезија

Најнови вести

To top