Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од митингот во Брвеница за вториот круг од вонредните избори за градоначалник на општината в недела ја нападна коалицијата преводена од ДУИ чиј кандидат Аркин Јахији му е противник на победникот од првиот круг Стојанчо Радичевски.
„Кога некој постојано продава етнички магли, кога отвора национални прашања секогаш кога нема што да понуди, кога поважно му е нечие име или презиме отколку неговиот карактер, кога етничката припадност ја става пред трудот, чесноста, енергијата и љубовта кон Македонија, тогаш имате сериозна причина да се запрашате какви се неговите вистински намери“, рече Мицкоски пред насобраните граѓани.
„Затоа што патриотизмот не се докажува со националистички пароли, туку со дела. Со чесна работа, со одговорност и со човечко почитување. А оние што најгласно зборуваат за национални интереси, многу често најмногу мислат на сопствените лични интереси. Колку повеќе зборуваат за народот, толку повеќе треба да ги гледаме нивните дела. И колку повеќе се кријат зад национализмот, толку повнимателно треба да се прашаме дали зад него стои вистинската грижа за граѓаните или само желба за власт и привилегии. Овде, во Брвеница, политички се соочуваме со коалицијата којашто ја предводи ДУИ. А нив добро ги познавате. Ги знаете како буквар. Тоа се истите оние политичари кои со години ја имаа власта повеќе од две децении, и наместо да се занимаваат со проблемите на граѓаните, јавноста ги гледаше како играат фудбалчиња и кошаркарски партии во кабинетите“, додаде премиерот.