Свет

Претседателот на Ел Салвадор доби зелено светло од Трамп за воена операција на Хаити

Засега не е познато колку долго салвадорските сили ќе останат во земјата, ниту кој ќе командува со сите војници распоредени во новата операција

Претседателот на Ел Салвадор, Најиб Букеле, добил поддршка од американскиот претседател Доналд Трамп за голема воена операција на Хаити, каде што салвадорските сили учествуваат во борбата против вооружените криминални банди. Според „Аксиос“, Букеле лично го контактирал Трамп пред испраќањето дополнителни војници за да провери дали Вашингтон се противи на неговиот план.

„Направи го она што мораш“, му одговорил Трамп, според извори запознаени со разговорот. Американскиот претседател изразил и сочувство по исчезнувањето на четворица салвадорски припадници на меѓународната безбедносна мисија, по напад на Хаити.

Операцијата добила согласност од властите на Хаити, а Ел Салвадор најавил распоредување илјадници војници за помош во борбата против бандите и потрагата по исчезнатите припадници. Според „Ројтерс“, до средата навечер на Хаити имало околу 2.000 салвадорски војници, а нивниот број би можел да достигне 2.500.

Четворицата салвадорски воздухопловни техничари исчезнале на 18 октомври, откако вооружени напаѓачи го нападнале нивното оклопно возило во близина на главниот град Порт-о-Пренс. Возилото било запалено, а од припадниците на мисијата оттогаш нема трага.

Букеле претходно предложил Ел Салвадор да преземе водечка улога во воспоставувањето безбедност на Хаити. Сепак, американскиот државен секретар Марко Рубио се спротивставил на идејата Вашингтон директно да биде поврзан со операцијата.

Салвадорскиот претседател побарал од САД и воена опрема, меѓу која и беспилотни летала и транспортни авиони, но Вашингтон ги одбил барањата. Според изворите на „Аксиос“, Колумбија би можела да посредува во набавката на опремата, со што би се избегнало директно американско учество.

Букеле во четвртокот на мрежата Икс порача дека салвадорските војници не дошле на Хаити за да заработуваат, туку за да се борат против криминалните групи.

Претседателот на Ел Салвадор во последните години привлече меѓународно внимание со острите мерки против криминалните банди во својата земја. Тие вклучуваат масовни апсења и продолжена вонредна состојба, а организациите за човекови права предупредуваат на произволни приведувања и повреди на правата на затворениците.

Хаити со години се соочува со тешка безбедносна криза. Вооружените банди контролираат голем дел од главниот град Порт-о-Пренс, а судирите принудиле околу 1,5 милиони луѓе да ги напуштат своите домови. Според податоците на Обединетите нации, во насилствата и безбедносните операции во текот на оваа година загинале или биле повредени илјадници луѓе.

На Хаити веќе дејствува меѓународна мисија за борба против бандите, поддржана од Обединетите нации, но таа располага со значително помал број припадници од планираниот. Засега не е познато колку долго салвадорските сили ќе останат во земјата, ниту кој ќе командува со сите војници распоредени во новата операција.

Најнови вести од: Свет

(ВИДЕО) Предлогот за ,,Министерство за незадоволни жени“ донесе хаос и голема тепачка

Опозицијата предлага ,,Министерство за незадоволни жени“ со цел да се зголеми наталитетот по што што портпаролот на владата ги прашува дали и нивните мајки ќе бидат дел од него

To top