„Актуелниот Организациски секретар на СДС, Зоран Трифуновски во свое интервју јавно призна и потврди дека додека бил во бегство од македонската правда со Заев се среќавал во неговата вила во Грција, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Организацискиот секретар на СДС, Трифуновски вели дека Зоран Заев бил еден од пријателите што му помогнал додека беше во бегство, за што и му е многу благодарен.
Трифуновски е човек кој, првично, е осуден на казна затвор за прободување на поранешен директор на охридски Водовод, според јавно достапните информации, поради претходно нерасчистени сметки поврзани со тендер.
Истиот овој Трифуновски кој сега е награден со висока партиска позиција во СДС, со доаѓањето на партијата на власт Заев и неговите полуги во судско обвинителскиот систем е ослободен од обвинение.
И ова не е се, откако го ослободија од кривична одговорност за тешкото обвинение, во 2023 година владата на СДС го назначува за директор на МЖ Инфраструктура, потсетуваат од ВМРО-ДПМНЕ
Со вакви контроверзни кадри, лица со криминални досиеја, под директна команда и лица кои го воспеваат Заев, СДС и Венко Филипче сакаат да им се понудат на македонските граѓани како нови лица во македонската политика.
Затоа и се таму каде што се, на маргините и дното на политичката сцена, со слаб рејтинг на прагот на статистичка грешка, трета партија во државата, петта во градот Скопје и со голема недоверба од граѓаните“, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Зоран Трифуновски-Жаба, организацискиот секретар на СДСМ, во „Претрес со Ландов“ потврди дека се сретнал со Зоран Заев во Грција пред да се врати во Македонија по бегството во Шпанија. објави Скопје1.мк.