Граѓаните кои имаат платежни сметки во Алта банка АД Битола, а немаат платежни картички, ќе можат да ги подигнуваат своите средства на шалтерите во главната филијала на банката во Битола, информира Народната банка.
За таа цел, ќе бидат отворени повеќе шалтери на адресата ул. „Добривое Радосављевиќ“ бр. 21, наменети за исплата на готовина, особено за пензионерите и примателите на социјална помош кои средствата ги добиваат преку сметки во банката.
Граѓаните ќе можат да подигнат најмногу 20.000 денари, колку што изнесува максималниот дозволен износ за повлекување во период од две недели.
Од утре, вклучително и во сабота, филијалата ќе работи во две смени, со цел да се опслужат што поголем број клиенти.
Граѓаните ќе добијат СМС-порака со информација за денот и часот кога треба да дојдат во филијалата.
Народната банка апелира граѓаните да се придржуваат до добиените термини и да не доаѓаат во филијалата пред определеното време или во денови кога не се повикани, за да се избегнат гужви и подолго чекање. За оние кои нема да можат да дојдат во закажаниот термин, ќе бидат обезбедени дополнителни термини.
Шалтерите ќе бидат наменети исклучиво за подигање готовина и нема да се вршат други видови трансакции.
Во меѓувреме, граѓани, особено пензионерите, отвораат нови трансакциски сметки за да ги префрлат платите и пензиите во други банки.
Постапката за префрлање на платата е поедноставна за вработени лица кои откако ќе отворат нова трансакциска сметка ја известуваат институцијата или фирмата во која работи за од следниот месец платата да им се исплаќа на новата сметка.
За пензионерите, пак, постапката е покомплицирана. Тие можат да отворат сметка во друга банка, но велат дека за да ја префрлат пензијата, треба да добијат испис од „Алта банка“ и да го достават во новата банка, што е засега невозможно зашто од 2 ноември, Алта банка не работи со клиенти…