Македонија

Гласна реакција на Арифи околу извиците „Гасна комора за Албанците“ и „Смрт за Албанците“, но „заглушувачка тишина“ за „Велика Албанија“ и „Илирида“

Секое недозволиво нарушување на јавниот ред со етничка мотивација и секакви неприфатливи етнички навреди од кого било кон кого било треба да бидат третирани исто и принципиелно, а не со различно етничко гледање врз нив, зависно од етникумот на кого му се припаѓа

Минатата недела за време на спортски натпревар во Куманово салата беше исполнета со скандирања на омраза: Гасна комора за Албанците, Смрт за Албанците. Говорот на омраза создава лажно чувство на супериорност кај некои и огорченост и исклучување кај други. Тоа нè влече назад во калта на шовинизмот и етничката омраза. Ние сме и заглавени во одбивањето да ги исполниме нашите основни обврски, како што е вклучувањето на бугарското малцинство во Уставот.“ – наведува д-р Беса Арифи, професорка во Правниот факултет на Штуловиот универзитет во Тетово, во својата колумна со наслов „Отровот на омразата“, која ја објави информативниот портал на албански јазик „Порталб“. Невообичаено е што во вакво јавно истапување во врска со деликатна и чувствителна тема, која има голем одраз врз меѓуетничките односи во Македонија, професорката Арифи се произнесува со енергична осуда само на инцидентот во   Куманово, но го одмолчува вториот инцидент во Скопје кога  голема толпа на навивачи – „Балисти“  во „хорски стил“ извикуваа „Велика Албанија“ и „Илирида“. Секое недозволиво нарушување на јавниот ред со етничка мотивација и секакви неприфатливи етнички навреди од кого било кон кого било треба да бидат третирани исто и принципиелно, а не со различно етничко гледање врз нив, зависно од етникумот на кого му се припаѓа. Професорката Арифи и манипулира со јавноста, кога тврди дека премиерот Христијан Мицкоски не изреагирал со осуда. „Го осудувам ксенофобичното и националистичко скандирање на на кошаркарскиот натпревар меѓу Македонија и Романија.“ – кажа јасно и гласно премиерот Мицкоски.  Значи, не е точно дека „немало никаква осуда.“, туку „имало само заглучувачка тишина“. „Заглушувачка тишина“ се „слуша“ токму од оваа колумна на Беса Арифи во врска со тешките националистички провокации од великоалбански позиции, нацелени и кон територијалниот интегритет на Република Македонија. Дилема е и од кои причини колумнистката се решила „критички“ да проговори во истиот текст и за „одбивањето да ги исполниме нашите основни обврски, како што е вклучувањето на бугарското малцинство во Уставот“. Од свои одредени причини Беса Арифи става Албанци и Бугари во некаква „заедничка рамка“, меѓутоа засега не е јасно зошто постапува така… Но, „Експрес“ ја пренесува изворно и професионално коректно оваа колумна, за да ѝ се овозможи на јавноста увид во тврдењата на д-р Арифи, пласирани во неа.

Беса Арифи пишува: Минатата недела за време на спортски натпревар во Куманово салата беше исполнета со скандирања на омраза: „Гасна комора за Албанците“, „Смрт за Албанците“. Ова не се зборови што припаѓаат во спортска сала. Тие не припаѓаат во ниту едно граѓанско општество. Сепак, тие беа кажани, како што беа кажани претходно и како што се кажуваат повторно, гласно, јавно, во присуство на избрани функционери како премиерот и градоначалникот на Куманово, кои стоеја таму, аплаудираа и се насмевнуваа. Без никаква осуда. Без никакво извинување. Само тишина. Таа тишина беше оглушувачка.

Го посетив Дахау. Со свои очи видов како изгледа гасна комора. Тоа е ладно, морбидно, шокантно место, сведоштво за систематското убиство на невини луѓе, само затоа што биле различни. Да се споменуваат гасните комори во 2025 година, и тоа да се прави со ентузијазам против вашите сограѓани, не е само злосторство на зборови, туку е злосторство против нашата колективна меморија. Против човештвото.

Говорот на омраза не е само зборови. Тој е оружје. Ранува, дели, радикализира. Создава лажно чувство на супериорност кај некои и огорченост и исклучување кај други. Го труе духот на коегзистенцијата и нè остава скршени. И секој пат кога мислиме дека сме се придвижиле напред како општество, таков момент нè влече назад во калта на шовинизмот и етничката омраза.

Додека ние продолжуваме да се мразиме едни со други, светот оди напред. Албанија, некогаш поврзана со нас на патот кон европската интеграција, постигнува голем напредок на патот, по кој мислевме дека никој од нас не може да оди. Ние, напротив, сме заглавени во одбивањето да ги исполниме нашите основни обврски, како што е вклучувањето на бугарското малцинство во Уставот. Се саботираме самите себеси во име на празни слогани и лажна гордост.

Косово, и покрај сите предизвици, ни покажува друг пат. Погледнете го фестивалот „Сан Хил“, настан што ги зближува луѓето од целиот свет преку уметност, култура и коегзистенција. Додека ние повикуваме на смрт, тие танцуваат за живот. Додека ние врескаме едни на други, тие пеат заедно.

С.Македонија би можела да биде најдобриот пример за мирна коегзистенција, за тоа што може да биде мултиетничко општество. Но, ние стануваме пример за спротивното. Стануваме земја каде што омразата е посилна од надежта, каде што поделбата е почеста од дијалогот и каде што молчењето пред злото станува норма. Таквата реалност може да се промени, но потребна е храброст, особено од оние на власт. Да излезат и да кажат: Ова не сме ние. Ова не сакаме да бидеме.

Затоа што ако не го сториме тоа, не само што го губиме патот кон Европа, туку ја губиме и нашата душа и се оддалечуваме сè повеќе и повеќе не само од Европа, туку и од тоа да бидеме луѓе. – тврди универзитетската професорка Беса Арифи во оваа колумна.

 

 

Најнови вести од: Македонија

Осигурителната компанија „Tриглав Осигурување АД“ со огромен раст на добивка

Триглав Осигурување АД, Скопје во претстојниот период очекува понатамошно профитабилно, безбедно и одржливо работење. Планираната премија во 2026 година изнесува 1.960 милиони денари, односно раст од околу 15 отсто во однос на 2025 година. Добивката се очекува да изнесува околу 75 милиони денари – стои во извештајот.

Сали: Во тесна соработка со европските партнери Македонија чекори сигурно и стабилно кон интеграцијата во ЕУ

„Во рамките на официјалната посета на Брисел, остварив важна средба и со Директорката за Западен Балкан Валентина Суперти. Разговаравме за напредокот на С.Македонија во Агендата за реформи и Планот за раст, со фокус на владеење на правото, дигитализација и јавна администрација. Сигурен сум дека со тесна соработка со нашите европски партнери С.Македонија чекори со сигурни и стабилни чекори кон интеграцијата во Европската унија.“ – објави првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања Беким Сали на својот официјален фејсбук-профил.

Манасиевски: Трендафилов одбива зголемување на платите на административците за 40 % по насока на СДС и Левица!

„Избраникот на СДС кој беше наместен преку Јованка Тренчевска за претседател на ССМ, Слободан Трендафилов, и ден денес продолжува да работи за СДС, а не за интересот на работниците. Трендафилов одбива да им се зголемат платите на работниците во јавниот сектор, затоа што мора да возврати на СДС кои го поставија за претседател на ССМ. Тој заедно со неговите другари ја продолжија послушноста кон СДС, која ССМ ја има историски.“ – нагласи денес Валентин Манасиевски од ВМРО ДПМНЕ.

Градоначалникот на Ниш спречи филмски грабеж во аптека: На напаѓачот му ги одзел мачетата и лажниот пиштол

Според објавата на порталот на Инстаграм, вооружен напаѓач влегол со пиштол и со мачета барајќи пари. Инцидентот завршил без повредени, откако Павловиќ реагирал и го разоружал напаѓачот.

OLED телевизорите и мониторите на Самсунг (Samsung) за 2026 година се компатибилни со NVIDIA® G-SYNC™ за елитно ниво на гејминг перформанси

Samsung OLED телевизорите и гејминг мониторите од 2026 година се G-SYNC компатибилни, поседуваат стапка на освежување од следната генерација и напредна технологија на екранот за ултра-глатко, извонредно гејминг искуство

Д-р Дума: Испраќањето мозоци не беше за профит, туку за научна соработка

Во проектот учествувале поранешниот директор на Институтот за судска медицина Алексеј Дума и д-р Горазд Росоклија, лекар со потекло од Македонија кој работи на Универзитетот Колумбија во Њујорк. Тоа ни овозможи размена на искуства со САД, вели д-р Дума

Прифатен предлогот на Мицкоски за раст на платите, договорена средба со УПОЗ на 5 февруари

Премиерот Христијан Мицкоски во четврток ќе оствари средба со Синдикат на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани, УПОЗ. -Откако премиерот даде понуда за раст на платите, синдикатот УПОЗ ја прифати и за неа треба дополнително да се разговара во рамки на синдикатите, дознава Курир. Претходно и синдикатот на Благоја Ралповски, КСС, ја […]

To top